Свет janis_joplin220

26 октомври, 2013

Џенис Џоплин постхумно ќе добие ѕвезда на холивудската Патека на славните

Легендарната американска рок и блуз пејачка Џенис Џоплин постхумно ќе добие ѕвезда на познатата Патека на славните во Холивуд. На церемонијата на откривањето на ѕвездата, која ќе се одржи на 4-ти ноември, ќе присуствуваат нејзиниот некогашен партнер, познатиот актер и музичар Крис Кристоферсон и продуцентот Клајв Дејвис. Меѓу присутните ќе бидат и нејзините брат и сестра, Мајкл и Лора Џоплин.

Џенис Џоплин ја започна својата кариера на почетокот на шеесеттите години во Сан Франциско. Со светска слава се стекна како пејачка на психоделичниот ејсид рок бенд Биг Брадр енд д Холдинг Компани (Big Brother and the Holding Company), а подоцна настапуваше и како соло пејачка. Во кратката професионална кариера, Џоплин се прослави со бројни хитови како што се „Piece Of  My Heart“, „Down On Me“, „Bye, Bye Baby“, „Mercedes Benz“, „Me and Bobby McGee“ и други. Има објавено четири студиски албуми, од кои последниот е издаден постхумно.

Во 2004 година, магазинот Ролинг Стоун ја вметна во листата од 100 најголеми уметници на сите времиња, а во 2008 на листата од 100 најдобри пејачки на сите времиња. Нејзиниот живот трагично заврши во 1970 година, кога на возраст од само 27 години почина од предозирање со хероин.

 



Врати се горе ↑