Свет tt

25 септември, 2014

Џејсон Оринџ заминува од „Тејк дет“

Легендарниот британски бенд „Тејк дет“ претрпи уште една измена во составот. Имено, вчера на официјалната веб страна на групата беше објавено соопштение дека Џејсон Оринџ нема повеќе да биде дел од бендот.

„Би сакал да започнам со тоа што ќе кажам колку сум горд на сè што постигнавме во текот на годините. Сепак, на состанот со групата кој се одржа минатат недела, им потврдив на Марк, Гери и Хауард дека повеќе не сакам да снимам и да го промовирам новиот албум. Најдобрите години од мојот живот ги поминав токму со Тејк дет и би сакал да им се заблагодарам на сите кои беа дел од моето патешествие, вклучувајќи ги моите колеги од групата кои ги сметам за браќа. Најмногу им се заблагодарувам на сите добри, убави и верни фанови на бендот, без кои сето ова не би било возможно. Ви благодарам.

На крајот од турнејата „The Progress“, започнав да се прашувам дали тоа би било вистинското време да престанам со работа со групата. На почетокот на оваа година, со моја согласност и благослов, момците започнаа да работат на нов материјал. Не станува збор за несогласувања, туку само моја одлука дека повеќе не сакам да го работам ова. Знам колку многу Марк, Гери и Хауард уживаат да пишуваат и компонираат музика и знаат дека јас безрезервно ги поддржувам и охрабрувам да продолжат со тоа што би било следното поглавје за бендот“, пишува во соопштението на Оринџ.

„Ова е тажен ден за нас. Заминувањето на Џејсон е огромна загуба за нас, како на професионален, така и на приватен план. Ја забележавме неговата резервираност уште пред две години, но се надевавме дека ако му дадеме простор и време, ќе се премисли. Сепак, тоа не се случи и сега мораме да ја прифатиме и да ја почитуваме неговата одлука, за која знаеме дека не била лесна. Неговата енергија и верба во овој бенд нè направи тоа што сме денес и засекогаш ќе му бидеме благодарни за неговите ентузијазам, посветеност и инспирација во текот на годините“, велат останатите членови на бендот, Марк Овен, Гери Барлоу и Хауард Доналд.

 



Врати се горе ↑