Аудио

9 февруари, 2018

Џејмс Беј се враќа со „Wild Love“

Џејмс Беј беше дел од генерацијата нови ѕвезди за 2015/2016 година, освојувајќи ги слушателите со хитови како што се „Let It Go“ и „Hold Back The River“, а неговото одлично првенче заработи и три номинации за Греми. 27-годишниот Британец сега се враќа со нов изглед, но и нов звук, објавувајќи ја соул-баладата „Wild Love“.

„Знам дека овој звук не беше очигледен на мојот прв албум, но мислам дека мојата нова музика ќе помогне за да имате појасна претстава кој сум јас“, изјавил Џејмс. „Штом сфатив дека ја добив етикетата на ’момчето со акустична гитара’, знаев дека морам да си ги поместам музичките граници. Го сакам тоа како дел од мојот арсенал, но не сакам да биде единственото нешто што ќе ме дефинира. Сè уште не сум ја постигнал целта, но се надевам дека оваа нова музика може да направи за еден пејач/автор како што, на пример, Дрејк и Ченс д Рапер прават за нивниот жанр – ги прекршуваат сите правила“, дополнил тој.

За својот нов сингл рекол дека е за „искуството од вљубувањето, нешто што можеш да го почуствуваш во моментот кога првпат ќе се сретнете, или што го разгорува огнот во врската. Песната е и за копнежот по некого, без оглед дали е личноста од која не можеш да го оттргнеш погледот или, во моето искуство, личноста на која не можеш да престанеш да мислиш каде и да си во светот“, заклучил младиот музичар, а како звучи неговата „Дива љубов“ слушнете во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑