15 јули, 2017

Џеј Зи ја екранизираше насловната тема од новиот албум

Популарниот американски рапер Џеј Зи неодамна го објави својот нов, 14. по ред студиски албум насловен „4:44“, кој го наследи „Magna Carta Holy Grail“ од 2013 година. На изданието се сместени 10, односно 13 песни за физичкото издание, меѓу кои и дуети со неговата сопруга Бијонсе, Френк Оушн и со Демиен Марли.

Музичарот, чие вистинско име е Шон Картер, и овој пат упатува критики кон колегите и кон општеството, што особено ги доловува со нивните видеа. Токму таков беше случајот и со првата песна насловена „The Story of O.Ј.“, чие анимирано видео потсетува на цртаните филмови од првата половина на минатиот век, отсликувајќи ги црнечките стереотипи кои сè уште опстојуваат во одредена мера, а вчера стигна и визуализацијата за насловната тема „4:44“.

8-минутното видео е своевиден мини-документарец, составен од бројни вирални видеа, снимки од полициска бруталност, сегменти од вести, извадоци од концертен настап со Бијонсе, како и икони на црнечката култура како што се Ерта Кит и Жан Мишел Баскијат, сето тоа испреплетено со танцот на двајца танчери.

Џеј Зи и Бијонсе минатиот месец по втор пат станаа родители на близнаците Сир и Руми Картер, а пејачката ја сподели и нивната прва фотографија на Инстаграм.

beyonce-instagram-twins2

 



Врати се горе ↑