Видео

9 април, 2019

Џеј Ло со екстравагантно видео за новиот сингл „Medicine“

Џенифер Лопез деновиве го објави нејзиниот нов сингл насловен „Medicine“, кој мошне наликува на нејзините претходни хитови „Get Right“ и „Do It Well“, а сето тоа сега е дополнето и со екстравагантно видео каде што мултиталентираната пејачка, актерка и танчерка ги покажува сите таленти, како што е и вртењето на шипка.

За овој нов сингл, 49-годишната латино-дива уште еднаш ги здружи силите со колегата Френч Монтана, со кого претходно соработуваше за хитот „I Luh Ya Papi“ и за „Same Girl“, а продукцијата е на норвешкото продуцентско дуо „Старгејт“, изградена врз примерок од песната „Esta Bonita“ од иранскиот пејач Хосеин Тохи.

„Многу сакам да соработувам со луѓе од Бронкс, ме прави да се чувствувам како дома, како да имаме посебна врска“, изјавила Лопез за повторната соработка со Монтана и додала дека „во сржта сè уште е Џени од соседството, а оваа песна го донесе тоа на површина“. Таа песната ја опиша и како „многу смела и химна за зајакнувањето на жените“.

Карневалската бела визуализација за „Medicine“ ја режираше режисерката Џора Францис, со која Лопез соработува првпат, а една од креациите што ги носи во видеото е дело на либанскиот моден креатор Зухаир Мурад. Сè уште не е познато дали новиот сингл е најава и за нов албум, а нема нови информации ни за најавениот втор студиски албум на шпански јазик, кој се очекува веќе две години.

Она што е познато во врска со нејзината музичка кариера е дека летово ќе одржи славеничка турнеја во пресрет на својот 50. роденден, а во рамките на „It’s My Party: The Live Celebration“ ќе одржи вкупно 29 концерти низ Северна Америка. Во меѓувреме, Џеј Ло е активна и како актерка, а по минатогодишниот хит „Втора шанса“ (Second Act), годинава ќе ја видиме во „Измамнички“ (Hustlers), каде што заедно со колешката Карди Би ќе игра улога на стриптизерка.

Додека очекуваме повеќе информации за новиот албум на Џеј Ло, уживајте со нејзиниот „Лек“!



Врати се горе ↑