18 јануари, 2018

Џастин Тимберлејк со политичко видео за „Supplies“

Џастин Тимберлејк продолжува со промовирањето на новиот материјал, па после најавниот сингл „Filthy“, тој денеска го објави видеото и за темата „Supplies“, која веднаш го привлече вниманието на јавноста, особено заради политичката и општествена конотација.

Имено, пејачот прво гледа бројни телевизори на кои се прикажуваат снимки од Харви Вајнстин, анти-Трамп протести, феминистички протести и што уште не…. потоа излегува надвор и заедно со Фарел Вилијамс, кој воедно е продуцент на песната, наидува на група луѓе налик следбеници на некаков култ, а сето тоа кулминира со пост-апокалиптнично сценарио.

На самиот крај, девојче се обраќа на камерата, велејќи: „Само замини. Умри веќе. Сè уште спиеш. Разбуди се. Само замини, те молам. Добри сме.“ Видеото е во режија на Дејв Мејерс, кој работел и на импресивните видеа на Кендрик Ламар (Loyalty, Humble.), а освен Џастин и Фарел се појавува и мексиканската актерка и пејачка Еиза Гонзалес Рејна.

Инаку, „Supplies“ ќе биде сместена на претстојниот, петти по ред студиски албум насловен „Man of the Woods“, кој ќе излезе на 2 февруари, само два дена пред неговиот настап на популарното полувреме на „Супер боул. Во меѓувреме, погледнете и каква беше атмосферата за време на снимањето на албумот, кој се чини дека ќе понуди интересни теми.



Врати се горе ↑