Настани

31 јануари, 2018

Џастин Тимберлејк го потврди настапот на „БРИТ 2018“

Џастин Тимберлејк е најновиот потврден изведувач на претстојното доделување на британските музички награди, познати и како БРИТ-награди, кое ќе се одржи на 21 февруари. И покрај интензивните подготовки за настапот на „Супер боул“, закажан за в недела (4 февруари), 36-годишната ѕвезда сепак најде време да ја сподели веста преку социјалните мрежи, но сè уште не се знае која од новите песни ќе ја отпее во арената „О2“ во Лондон.

Како што е познато, тој неодамна ги објави темите „Filthy“, „Supplies“ и „Say Something“ со Крис Стејплтон, како најава за својот петти студиски албум „Man Of The Woods“, кој ќе излезе веќе в петок, на 2 февруари.

Што се однесува на британските музички награди, се чини дека и овојпат ќе има традиционално добра забава, а освен Џастин, своите настапи ги потврдија и Сем Смит, Стормзи, Рита Ора, „Фу фајтерс“, „Рег-ен-боун мен“ со годинашната добитничка на наградата Изборот на критиката – Џорџа Смит, како и ѕвездите со најмногу номинации годинава – Дуа Липа, која е во трка за 5 награди и Ед Ширан, номиниран во 4 категории.

Годинашното, 38. по ред доделување на британските музички награди ќе се одржи на 21 февруари, а домаќин на манифестацијата ќе биде британскиот комичар и актер Џек Вајтхол. Настанот и овој пат ќе биде пренесуван во живо на Јутјуб, а временската разлика од само еден час ќе ни дозволи и ние да го проследиме во пристојно време. На сите номинации можете да се потсетите овде.

Инаку, Џастин последен пат настапуваше на британските музички награди во 2013 година, кога го изведе синглот „Mirrors“, а на неговиот настап можете да се потсетите во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑