Видео

5 јануари, 2018

Џастин Тимберлејк го најави новиот албум со „Filthy“

Американската ѕвезда Џастин Тимберлејк конечно се враќа на музичката сцена со нов албум, а како вовед во новиот материјал е претставена темата „Filthy“. Станува збор за уште една денс-нумера со фанки призвук и футуристички примеси, што одлично ги доловува и самото видео со робот што танцува на сцена. И за овој сингл музичарот ги здружи силите со долгогодишниот соработник и продуцент Тимбаленд, како и со хитмејкерите Дејнџа, Џејмс Фонтлрој и Ларанс Допсон.

Како што споменавме, „Filthy“ е прв сингл од претстојниот четврти, односно петти (ако „The 20/20 Experience“ се смета како две посебни изданија) по ред студиски албум на Тимберлејк, кој ќе го носи насловот „Man of the Woods“, а ќе излезе на 2 февруари, само два дена пред неговиот настап на популарното полувреме на „Супер боул.

 

Освен Тимбаленд, како продуценти на новиот материјал ќе се потпишат и „Нептјунс“, односно Фарел Вилијамс и Чед Хјуго, кои исто така се долгогодишни соработници на Џастин. Покрај „Filthy“, засега се познати уште три наслови на теми што ќе се најдат на изданието, меѓу кои насловната „Man of the Woods“, „Sauce“ и „Midnight Summer Jam“, а како ќе звучи сето тоа ќе дознаме наскоро. Дотогаш уживајте со „Filthy“!



Врати се горе ↑