Концерт VAN GOGH - LAVIRINT 09 bw

13 ноември, 2012

Џајковски и Ван Гог на Таксират‏

Покрај веќе потврдените артисти: ПАРОВ СТЕЛАР, ЧЕ СУДАКА, СКИНДРЕД,  ТАЊА СТИВЕНС и ЧИСТА ОКОЛИНА, со големо задоволство ги потврдуваме гласините дека на главната вечер на Таксират 14 ќе настапи и еден од најзначајните артисти на балканската електросцена, КИРИЛ ЏАЈКОВСКИ.

Кирил Џајковски годинава повторно е артистот кој се закити со бројни признанија кои постојано пристигнауваат по секој негов настап ширум светот. Започнувајќи ја турнејата со концерт во Шпанија на Festival Reperkusion, преку настапите на пет реномирани фестивали во Франција, при тоа не заобиколувајќи го регионот со концерти во Словенија, Србија и Хрватска. Следната концертна дестинација на Џајковски е Нова Каледонија на 14ти ноември, а потоа на 8ми декември доаѓа со свој ексклузивен настап на Таксират, на кој прв пат концертно ќе го претстави својот најнов музички материјал пред домашната публика.  Имено, покрај успешната концертна сезона летово, Џајковски ја продолжи својата мисија работејќи и на реализацијата на музиката за актуелните македонски филмови Трето полувреме и Балканот не е мртов. Во меѓувреме имавме можност да ја проследиме и промоција на новиот видео спот, снимен за песната „Лајн’с Ден“(Lion’s Den) а на задоволство на својата бројна публика, новото ЕП со шест композиции на реномираниот продуцент и композитор неодамна беше објавено во дигитална дистрибуција.

Кон листата на Таксират изведувачи годинава се приклучува и ВАН ГОГсоставот кој задолжително добро ја размрдува публиката на секој концерт и е препознатлив по моќните настапи кои никого не оставаат рамнодушен. Ван Гог е најпопуларниот рок состав на балканот и една од најголемите балкански рок атракции воопшто. Во 25те години постоење на сцената Ван Гог зад себе имаат 8 студиски албуми или 13 изданија, вклучувајќи ги и компилациите, како и безброј концерти на сите континенти. Група со моќен и енергичен сценски настап и исклучителен интерактивен однос со публиката. Накратко, Ван Гог, како што вели една нивна песна, и понатаму „го тресе градот“, а предводени од харизматичниот фронтмен Звонимир Џукиќ-Џуле, Ван Гог доаѓаат да го размрдаат Скопје со максимално квалитетна изведба на нивниот рок репертоар.

Со овие артисти списокот на музичката програма на ТАКСИРАТ добива конкретен облик на новиот рецепт за енергична и незаборавна концертна вечер. Таксират фестивал годинава се одржува по четиринаесетти пат, повторно подготвен да не ја изневери својата максима и по четиринаесетти пат да го преврти Скопје наопаку! Благодарение на долгогодишната поддршка на бројната публика и на верниот партнер, мобилниот оператор ONE , Таксират продолжува секоја година како најголемиот зимски фестивал во југоисточна Европа и фестивал на моќниот звук отелотворен во настапите на релевантните домашни, регионални и светски музички артисти. Фестивалот низ годините прерасна во собирен центар на десет илјадници посетители и местото на кое се сретнуваат луѓе од различни возрасти и музички вкусови,  а токму бината на Таксират е местото на кое настапија сите најеминентни имиња на рок, панк, ска, електро и алтернативната домашна, но и светска сцена.
Годинава, Таксират официјално стартува со првата меѓународна музичка конференција „ПИН“ која ќе се одржи од 23ти до 25ти ноември, во „Дом на АРМ“, клуб „Хавана“, клуб „Колосеум“ и на наше особено задоволство кината „Вардар 1 и 2“ кои првпат ќе бидат отворени после цели 15 години. Веќе на 27ми ноември, скопјани ги очекува првиот промо концерт од off-програмата на Таксират, а тоа е арт-перформансот на францускиот музички феномен „Нувел Ваг“ (Nouvelle Vague) кој ќе се одржи во клуб „Колосеум“. Веројатно веќе сите добро знаат дека во рамките на Таксират годинава нашата најактивна банда инструментале Суперхикс ќе го прослави своето полнолетство, имено 18те години постоење, со Големиот позитивен концерт во „Метрополис Арена“ на 1ви декември.
Финалето на Таксират 14 е закажано на 8ми декември на традиционалната локација „Метрополис Арена“ во Скопје.
Подгответе се за ТАКСИРАТ
– powered by ЏаБест!
Веќе знаете, најдобриот фестивалски провод е во големо друштво. Ако сѐ уште не сте ги набавилевлезниците за ТАКСИРАТ 14, пребројте ја вашата екипа, бидејќи веќе стартуваше продажбата на промо билетите, достапни по цена од само 450 денари. Таксират промо акцијата ќе трае до 21ви ноември, а потоа ќе чинат 600 денари и 750 на денот на фестивалот.
Сите информации за Таксират влезниците можете да ги најдете на 
www.mktickets.mk . 


Врати се горе ↑