Настани ImageProxy

22 мај, 2013

Џајковски хедлајнер на Exit Fusion‏

Програмата на Фјужн бината, наречена од страна на публиката и срцето на EXIT, полека почнува да се комплетира! Кремот на најактуелните регионални изведувачи годинава го предводи најзначајниот балкански електро артист Кирил Џајковски, покрај кого настапуваат и Дубиоза Колектив (Босна и Херцеговина), Bad Copy (Србија), Urban & 4 (Хрватска), Hex (Словенија) и Valahavle (Босна и Херцеговина), кои на публиката ќе ѝ пружат коктел од врвна забава во вид на електроника, инспиративни и ангажирани рок свирки, единствени хип хоп настапи, но и традиционалниот балкански звук.

Со повеќе од дваесет години на сцената, Кирил Џајковски е еден од најпрепознатливите балкански уметници. Комбинирајќи електроника со традиционален македонски и балкански звук, Кирил е зачетник на Балкан Бит, музичкото движење и идентитет кои се глобално препознати како автентичен музички израз на овие простори. Покрај одличните live настапи со неговиот десетчлен бенд, Кирил е познат и по компонирање на музика за театарски претстави и филмови, меѓу кои е и „Трето полувреме“, овогодинешниот македонски кандидат за Оскар. „На Фјужн бината доаѓам со мојата омилена live формација со која настапувам последниве години, а која ја предводат феноменалните вокалисти TK Wonder (САД), MC Wasp (Австралија) и Ghetto Priest (Велика Британија), кои се специјални гости и соработници на мојот последен мини-албум. EXIT два пати до сега за мене беше исклучително искуство и се радувам што повторно ќе имам прилика да ја почувствувам незаборавната Петроварадинска магија!

Боите на Босна и Херцеговина ќе ги бранат Дубиоза Колектив. Нивната музика најдобро може да се опише токму со зборот фузија. Комбинирањето на хип хоп, реге, даб и рок звук покрај неизбежните елементи од босанскиот фолклор им обезбеди епитет на еден од глобално најпрепознатливите изведувачи од овие простори. Нивниот активен општествен ангажман, настапите по најголемите светски музички фестивали, признанијата кои им ги доделија BBC и Time магазинот, но и претходните одлични три концерти кои ги приредија на EXIT, ветуваат уште еден фјужн спектакл кој никого нема да остави рамнодушен.

Белградскиот хип хоп состав Bad Copy се врати на сцената после неколку години отсуство во април оваа година со новиот албум „Кригле“. Wikluh Sky, Ајс Нигрутин и Тимбе го задржаа препознатливиот сатиричен стил поради кој станаа и една од најпопуларните хип хоп групи во Србија, но и регионот. Нивниот настап на Фјужн бината на EXIT фестивалот ќе биде прилика публиката да го чуе материјалот од новиот албум, но и сите стари хитови кои ги прославија Bad Copy.

Дамир Урбан, еден од најсаканите хрватски музичари, важи за темел на тамошната рок сцена. Започнувајќи ја кариерата во Ријека на почетокот на деведесеттите, промени неколку состави, па пред публиката на Фјужн бината ќе се претстави со својот бенд 4. Urban & 4 редовно настапуваат ширум регионот и се многу добро прифатени од страна на публиката, која не пропушта прилика со нив хорски да ги запее хитовите од албумите „Ретро“, „Hello“ и „Жена дијете“. Во исчекување на настапот на фестивалот, Дамир Урбан препорачува: „Свирката на EXIT сигурно ќе биде една од оние кои се врежуваат во паметењето… Тешко е да се одлучиме точно што сме ние на EXIT. Дали сме публика или изведувачи? Колку што ме радува нашиот настап, толку ме радува и ретката прилика да ги видам на едно место сите тие изведувачи чија работа ја сакам. Кога го видов списокот со изведувачи, веднаш знаев дека ќе бидеме малку на бина, малку во публика.

 

Настапот на словенечкиот состав Hex ќе биде нивното премиерно претставување пред новосадската публика. Моќната комбинација на електро панк, драменбејс и дабстеп е формула која за кратко време им донесе голема популарност и настап на иста бина со The Prodigy на белградскиот Warriors Dance фестивал. Енергичниот настап и музички израз кој ќе го демонстрираат на Фјужн бината ветуваат светла иднина за овој млад бенд.

Трип хоп и брејкс во комбинацијата со електро поп од ‘80те години сараевскиот состав Valahavle ги сврсти во категоријата на изведувачи со некарактеристичен стил за овие простори. Публиката ги сака и вели дека нивните настапи се нешто посебно. За време на својот прв настап на EXIT ќе се претстават со материјалот од својот последен албум „What About Now“ но и останатите хитови.

Кирил Џајковски, Дубиоза Колектив,  Bad Copy, Urban & 4, Hex и Valahavle  претставуваат само прв дел од изведувачите од овие простори кои ќе настапат на Фјужн бината, во рамки на EXIT Р:Еволуцијата. Со претходно потврдените настапи на најдобрата светска блуз гитаристка  Ана Поповиќ, британската пејачка Delilah и групата Prong, иконата на њујоршката метал сцена, Фјужн повторно ќе биде местото на преплетување на култура, ставови, музички правци и публика од сите меридијани кои ќе ја обединат забавата и позитивната емоција во срцето на EXIT.



Врати се горе ↑