Македонија

5 февруари, 2019

Џафер добитник на Златна бубамара за трајни музички вредности

Во пресрет на годинашното, 22. по ред издание на популарната манифестација „Златна бубамара на популарноста“, организаторите открија кому ќе ја доделат наградата за трајни музички вредности, која во изминатите изданија отиде во рацете на имиња како што се Маја Оџаклиевска, Игор Џамбазов, Росана Сариќ Тодоровска, Драган Каранфиловски Бојс и други еминентни музички творци во Македонија.

Имено, годинава оваа чест ќе ја има исто толку легендарно име од македонската музичка сцена, сопственикот на евергрините „Лага и измама“, „Одам на југ“, „Под Пелистер“ и незаборавната „Сонце за три светови“Мики Јовановски-Џафер.

„Оваа престижна награда е всушност потврда за  музичкиот траен печат што Мики Јовановски-Џафер го остави во срцата на сите љубители на поп и рок-музиката“, велат организаторите на манифестацијата, чие мото овој пат е „Да се предадеме!“.

Токму тоа ќе го направи македонската публика на 21 февруари во арената „Борис Трајковски“, а битката за набавка на влезници започнува утре, на 6 февруари, преку продажната мрежа на „МК Тикетс“ и во „Југотон“.

Извор и фотографии: Радио Бубамара



Врати се горе ↑