Свет geri-halliwell-2013

13 септември, 2013

Џери Халивел се враќа со нов сингл во октомври

Познатата Џинџер Спајс од поранешната британска група Спајс Грлс, Џери Халивел (41) неодамна потпиша договор со австралискиот Сони Мјузик и планира да се врати на музичката сцена со нов сингл насловен „Half Of Me“, потпишан од австралиските хитмејкери ДиЕнЕј (DNA). Пејачката неодамна беше избрана како судија во новата сезона од музичката емисија „Австралија има талент“, па воопшто не е чудно што нејзината соло кариера ќе ја обнови токму на овој континент.

Халивел премиерно ќе ја претстави нејзината нова песна на 3-ти следниот месец во емисијата The Footy Show, а на австралискиот пазар ќе се најде веќе од 25-ти октомври: „Конечно ќе можам да ја споделам мојата музика!“ – изјавила британската дива, додавајќи: „Мојата нова песна е за љубов, надеж и оптимизам со мала доза на хумор – проверете го вториот стих!“ 

Во својата соло кариера, Џери има снимено три студиски албуми, а четвртиот беше најавен уште во јануари минатата година, но сè уште нема официјални податоци ниту за насловот, ниту за датумот на издавање. Последниот албум насловен „Passion“ го објави во 2005 година, a дел од нејзините хитови се преработката „It’s Raining Men“, „Mi Chico Latino“, „Calling“ и други.

 



Врати се горе ↑