Видео 12715545_1213890768638948_3588766154447413572_n

22 февруари, 2016

Два прекрасни концерти на Дуке и пријателите

Викендов помина во знакот на музиката на Дуке Бојаџиев, кој заедно со своите колеги и пријатели, заради огромниот интерес од публиката, одржа два концерта во арената „Метрополис“ во Скопје. По успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, ова беше прв голем концертен проект на Бојаџиев, кулминација на сета негова досегашна концертна работа, зачинет со врвни музички гости, поезија и камерен оркестар.

Двете музички доживувања беа збогатени со гостувањата на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, најголемата македонска ѕвезда Каролина Гочева, легендарниот актер Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, светски реномираната пејачка Тања Царовска и перкусионистите Матијас Кунзли и Костас Анастасијадис – сите придружувани од камерен оркестар, под диригентство на маестро Саша Николовски- Ѓумар.

„Параходот“, „Абер дојде, Донке“, „Калеш Анѓо“, „Дојди“, „Си заљубив едно моме“, „Многу ми го фалат, бабо“, „Не си го продавај Кољо чифликот“ се дел од песните што беа изведени на сцената во арената „Метрополис“, а посебно импресивни беа изведбите на „Home“ и „Празно е“, композиција напишана во 1970-тите години од Тодор Бојаџиев, таткото на Дуке.

Дел од атмосферата на овие два музички спектакли можете да погледнете во галериите на „Авалон продукција“, која се погрижи за целата организација (концерт 1 и концерт 2), како и во видеата во продолжение. Уживајте!

Видео: Владимир Јовановски

Видео: Емилија Вукичевиќ

Видео: Лара Ќуриќ

Насловна фотографија: Авалон продукција



Врати се горе ↑