Македонија

4 декември, 2018

Два македонски филма на престижниот „Санденс“

Македонскиот документарен филм  „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска и копродукцискиот „Ловци на вештерки“ на Рашко Миљковиќ влегоа во строгата селекција на престижниот филмски фестивал на авторскиот и независен филм  „Санденс“.

Филмот „Медена земја“, кој е во официјалната програма за документарни филмови, е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продуцент на филмот е Атанас Георгиев, а негова е и монтажата. Филмот обработува тема за животот не една жена која живее сама со мајка и во централна Македонија, во сосема примитивни услови и произведува мед од диви пчели…Таа е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која сака да ги спаси пчелите и природниот баланс на планетава.

„Ловци на вештерки“, пак, е во натпреварувачка категорија во рубриката „Деца“. Ова учество ќе ја одбележи и неговата американска премиера. Филмот е малцинска копродукција меѓу Србија и Македонија, семејна приказна, која жанровски се движи меѓу авантура, научна фантастика и семеен филм. Режисер на филмот е Рашко Миљковиќ, а продуцент е „Акција продукција“ од Србија во копродукција со „Дрим фектори“ Македонија.

„Санденс“ е еден од најпрестижните филмски фестивали во светот и е на рамниште на Берлински фестивал, „Кан“, „Бафта“, „Глобус“ и фестивалот во Венеција. Фестивалот, кој постои од 1981 година, е основан од Роберт Редфорд и ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари 2019 година е еден од најголемите филмски фестивали oд А категорија.

За изданието 2019 одбрани се 112 долгометражни играни филмови од 33 земји, 45 филмови се дебитанстки. За ова издание има рекорден број на пријавени филмови, од кои 4.018 долгометражни од вкупно пријавените 14.259. Од долгометражните 2.251 се интернационални, а останатите од американско потекло.

Извор: Макфакс



Врати се горе ↑