Концерт Tanja Kokev

22 јануари, 2016

Дуке и пријателите облечени во Кокев‏

Нашата еминентна дизајнерка Тања Кокев, заедно со нејзиниот креативен тим, ќе се погрижи за  изгледот на костимите на Дуке Бојаџиев и пријателите, по повод на концертот кој ќе се одржи на  20 февруари во арената „Метрополис“. Токму за оваа пригода, дизајнерката Тања Кокев изјави:

„Особено се радувам што конечно го запознав Дуке, музичар кој го ценам одамна и се надевам дека ќе придонесам да се чувствува пријатно и „во своја кожа“ на сцена. Неговата музика е комплексна, има традиција во основата, но значителна модерна надоградба, па тоа беше присутно и во основата на мојата креација за него. Се работи за човек кој во себе носи и лежерност на уметник, а појавност на ѕвезда, па тоа ми беше во позадина цело време. За неговите „пријатели“, пак, исто така беше предизвик да се осмисли костимографијата, бидејќи се работи за јаки личности со сопствен уметнички израз, но кои овој пат припаѓаат на уникатен спој на музичари. Се обидов да го следам стилот на секој од нив, комбинирајќи го со своето лично видување и со идејата за овој музички настан. Се надевам дека направив приказна подеднакво уникатна како и музиката на која ќе ѝ служи“.

Концертот на Бојаџиев, во организација на „Авалон продукција“, е закажан за 20 февруари во арената „Метрополис“, со почеток од 20 часот, а како специјални гости ќе настапат неговите пријатели Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Исмаил Лумановски, Тања Царовска, Никола Ристановски, Матијас Кунзли и Костас Анастасиадис. Влезниците се веќе пуштени во продажба, а цените се движат од 600 до 900 денари.



Врати се горе ↑