Концерт DSC_2284

10 февруари, 2016

Дуке Бојаџиев во поинакво издание на претстојниот концерт во Скопје

Авалон продукција“ со огромно задоволство го најавува својот прв голем проект за 2016-та година- концертот на нашиот композитор, пијанист и продуцент со светско реноме, Дуке Бојаџиев, насловен Дуке и пријателите, кој ќе се одржи на 20 февруари, со почеток од 21 часот, во арената „Метрополис“.

Ова ќе биде прв голем концерт на Дуке Бојаџиев во Скопје, по успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, кулминација на сета негова досегашна концертна работа, зачинет со врвни музички гости, поезија и камерен оркестар. Овој пат Дуке пред домашната публика ќе се претстави во малку поинакво издание, поразлично од досегашните, заедно со неговите пријатели и соработници: гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, најголемата македонска ѕвезда Каролина Гочева, легендарниот актер Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, светски реномираната пејачка Тања Царовска и перкусионистите Матијас Кунзли и Костас Анастасијадис – сите придружувани од камерен оркестар, под диригентство на маестро Саша Николовски- Ѓумар. Специјално за овој концерт, Дуке Бојаџиев и пријателите ќе бидат облечени во костими дизајнирани од Тања Кокев.

Дуке Бојаџиев веќе долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена, пред својата публика. Автор е на филмска, електронска и акустична музика во која може да се почувствува духот на македонската традиција, иако принципите во кои е урамен неговиот музички израз и стил се строго западноевропски. Низ неговата интернационална кариера, Бојаџиев има соработувано со оскаровците Џонатан Деми и Данис Тановиќ, како и со македонскиот режисер Столе Попов за неговото последно филмско остварување „До балчак“. Музиката на Дуке е користена за светски кампањи на познатите брендови „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, но и на разни светски музички компилации како „Буда Бар“ и „Маракеш Експрес“. Во моментов, тој ја работи музиката за новиот филм на хрватскиот режисер Рајко Грлиќ.

Билетите се во продажба на сите продажни места на „Купи карти за сè“, како и онлајн на www.kupikartizase.com.

Концертот „Duke & Friends“ се реализира со поддршка од Македонски Телеком како генерален спонзор, потоа, винарија „Тиквеш“ како ексклузивен спонзор, „Еуролинк“ осигурување како ексклузивен покровител и спонзорите, „Алкалоид“, „Здравје Радово“, „Стопанска Банка- а.д. Битола“…, под покровителство на Министерството за култура.



Врати се горе ↑