Концерт duke b

16 јули, 2015

Дуке Бојаџиев со концерти во античките театри во Битола и Охрид

По јануарските концерти во Битола и Скопје, Дуке Бојаџиев летово повторно ќе ја почести македонската публика со уште две концертни доживувања, овој пат во античките театри во Битола и Охрид. Првиот од нив е закажан за 7 август во Хераклеја во Битола, а охриѓани и бројните посетители на најпознатиот туристички град во Македонија ќе уживаат со прекрасната музика на Бојаџиев на 9 август.

На концертите ќе биде придружуван од неколку музичари: Исмаил Лумановски (кларинет), Тања Царовска (вокал), Мартина Блажеска (вокал), Мартин Ѓаконовски (контрабас), Костас Анастасијадис (перкусии), Владимир Крстев (стринг квартет).

Токму со талентираната охриѓанка Мартина Блажеска, Бојаџиев соработуваше за својата неодамна објавена песна „Eternity“.

„Мартина ја забележав на социјалните мрежи пред неколку години и почуствував веднаш дека во неа лежи голем уметнички потенцијал“, рече Дуке Бојаџиев за оваа соработка, додавајќи: „Мартина потоа се запиша на Беркли, колеџот во кој и јас дипломирав, и така стапивме во контакт. Интересно е што целата наша комуникација и соработка се одвиваше комплетно на интернет, сè додека конечно се запознавме лично во Њујорк кога дојде да снимаме. Сè помина совршено и добивме искрен и убав производ, кој можеме да го поделиме со светот. Видеото беше снимено во Њујорк од Боби Дојчиновски, и во Охрид од Даниел Јовески, кој исто така го режираше и едитираше. Уште двајца талентирани Македонци, кој направија многу убав видео продукт од нашата музика, спојувајки два вечни града, Охрид и Њујорк, воедно и моите два омилени града“, изјави Бојаџиев за „Кирилица“.

Новата песна е комплетно авторско дело на Бојаџиев и снимана е во „Гаеа мјузик“ во Њујорк, а како звучи и изгледа „Вечноста“ на Дуке и Мартина можете да погледнете во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑