Концерт duke-bojadziev-in-the-air-poster-480x240

31 август, 2013

Дуке Бојаџиев со ексклузивен концерт во Скопје

Нашиот музичар со интернационална кариера, Дуке Бојаџиев на 5-ти септември во просторот на Капан Ан ќе одржи концерт со почеток во 23 часот. Дуке најавува дека ќе ја искористи средбата со скопската публика да презентира дел од својот нов материјал низ електро-акустичен сет. За визуелизација на проектот ќе биде задолжен гостинот од Истанбул, VJ Vidbeat, додека домашна поддршка ќе понудат диџеј Илина и диџеј Томи Бојаџи. Картите за концертот ќе се продаваат пред самиот настан по цена од 200 денари.

Ова беше навистина богат период со случувања за мене и моментот за повторно закажување на концернта промоција е идеален. Секогаш ми претставува посебна чест да застанам пред домашната публика и со нив да ги споделам моите последни музички остварувања“ – изјави Дуке кој е веќе пристигнат во родниот град, се подготвува за настапот и ја привршува работата на музиката за долгоочекуваниот филм на Столе Попов, „До Балчак“.

Последно завршено музичко остварување на Бојаџиев е соработката со американскиот режисер, оскаровецот Џонатан Деми („Филаделфија“, „Манџурискиот кандидат“, „Вистината за Чарли“, „Кога јагнињата ќе стивнат“) на неговиот последен филм „Страв од паѓање“, каде тој се појавува како композитор и музички продуцент.

На популарните светски музички листи, Бојаџиев е актуелен со ко-авторската соработка на новиот материјал на Телепоп мјузик (новиот сингл „Try me anyway“ излезе неодамна), а потсетуваме заедничкиот сингл со Лорен Амарис, „In The Air“ минатата година беше прогласен и за хит на годината на радиото Антена 5.

Дуке Бојаџиев е македонски композитор, продуцент и пијанист кој веќе 12 години живее и работи во Њујорк. До сега има издадено 7 соло албуми, а неговата музика е дел од светски познатите компилации „Buddha Bar”, „Marrakech Express” и „Chill out in Paris”. Има изработено авторска музика за повеќе македонски и странски филмски остварувања, како и музика за маркетинг кампањи на повеќе светски брендови меѓу кои L’oreal, L’ancome, Peugeot и Mercedes. Бележи свои музички настапи во светски дворани како Carnegie Hall, The Highline Ballroom, Cipriani Ballroom, The Avalon Theater во Лос Анџелес, Art Basel во Мајами, The Box – NYC, Антички Театар – Охрид.

Во неговата интензивна музичка кариера има соработувано со: Телепоп мјузик, Анџела Мекласки, Д Ситизенс Бенд, Македонската Филхармонија, Синди Лопер, Блу Мен Груп, Ијан Бјукенен, Пол Кантелон, Сузан Дејхим  и уште многу други.

 



Врати се горе ↑