Македонија DSC_5628

25 април, 2013

Духовно обединување во Универзална сала (фото)

Синоќа, во организација на Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ и на неговите соработници: Македонската филхармонија под диригентската палка на Ле Фи Фи, авторите на оркестрација Живојин Глишиќ и Владимир Димовски, Министерството за култура на Република Македонија, Горила продукција, Елена Лука – креатив, Македонска телевизија, Акцент медиа и Лазов компани, во Универзалната сала, со почеток во 20 часот, се одржа еден навистина прекрасен и несекојдневен музички настан – духовниот концерт „Страдањата Господови“.

Во изведба на познатиот поп-пејач Димитар Андоновски, кој со голема побожност и трогнатост од стиховите, прекрасно и со забележителна возбуда пееше на овој концерт, монахињата Касијана од манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во Рајчица, хорот на Бигорскиот манастир, водителот Владо Јовановски, читачите од Посниот Триод Горан Начевски и Ернес Ибраимоски, и бројни други гости, беа исполнети одбрани песнопенија од богослужбениот циклус во Страсната седмица, на традиционален источно-црковен (византиски) мелос. Публиката особено ја восхити настапот на специјалната гостинка од Грција, многупознатата пејачка на византиски и традиционални песни, г-ѓа Нектарија Каранѕи, чиј настап ги трогна сите и беше пречекан со овации. Врвна точка на концертот беше нејзиното обраќање до присутните во салата, кога таа искрено се заблагодари за топлиот прием, при што посебна благодарност упати до игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, кој ја покани оваа еминентна грчка пеачка во нашата земја и се погрижи за гостољубивиот пречек.

Ова е прв настап на почитуваната г-ѓа Каранѕи кај нас, и со оглед на нејзиниот голем авторитет во црковните кругови во Грција, но и во целото Православие, како амбасадор на византиската музика, нејзиното учество на концертот е голем чекор кон зближување на народите, како што и самата таа нагласи во своето обраќање, истакнувајќи дека помеѓу нашите два народа има многу повеќе сличности отколку разлики и дека сите ние, православните, во единствениот Бог сме браќа. Во тој контекст значајно беше и присуството на истакнатиот професор и доктор по византиска музика на Теолошкиот факултет во Солун, архимандритот Нектариј Парис, кој беше посебно изненаден од организацијата и изведбата и многу високо го оцени вчерашниот концерт.

Инаку за овој концерт постоеше голем интерес од самата негова најава, картите беа буквално разграбани, салата беше преполна, а меѓу присутните беше и Претседателот на собранието на РМ, г. Трајко Велјановски, архиепископот Охридски и Македонски, г. г. Стефан, со повеќе членови од САС на МПЦ-ОА, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, г. Велимир Стојкоски, бројни претставници на државната и црковната власт, еминентни академици и професори, амбасадорот на САД, Неговата Екселенција Пол Волерс, и други членови на дипломатскиот кор во РМ, и голем број на новинари и претставници на медиумите.

Со овој музички настан се обележаа и два значајни јубилеи: 1700 години од Миланскиот Едикт на св. цар Константин Велики и 1150 години од Моравската мисија на свв. Кирил и Методиј. Концертот имаше и хуманитарен карактер и собраните средства од билетите ќе бидат донирани за возобновување на манастирот во Трескавец. Се надеваме дека оваа музичка манифестација ќе прерасне во една убава традиција и дека и следните години нашиот народ ќе ја има таа можност да се насладува од врвната изведба и прекрасните мелодии на византиското пеење и музика.



Врати се горе ↑