Балкан DK Mad

18 март, 2015

„Дубиоза колектив“ со ексклузивен концерт на 49. „Гитаријада“ во Заечар

Еден од најпознатите бендови во регионот летово се враќа во Заечар, каде што ќе одржи ексклузивен концерт на 49. „Гитаријада“. Ова ќе биде единствениот настап за „Дубиоза колектив“ во Србија во текот на 2015 година, а токму посетителите на „Гитаријадата“ ќе ја имаат таа привилегија бесплатно да присуствуваат на овој концерт.

Групата за прв пат настапи во градот под Краљевица пред 3 години, а медиумите тогашниот настап го окарактеризираа како „неверојатен и феноменален“. Во меѓувреме, од настапот на 46. „Гитаријада“ до денес, „Дубиоза колектив“ повеќе пати ја потврди водечката позиција кога се во прашање регионалните бендови, исполнувајќи ги концертните сали на просторот на цела поранешна Југославија и забележувајќи голем број самостојни и фестивалски настапи ширум Европа.

 

На инсистирање на публиката, организаторите го поканија овој многучлен состав и за 49. издание на „Гитаријадата“:

„Мило ни е што ќе учествуваме на 49. Гитаријада во Заечар. Името на тој фестивал го знае секој музичар кој во младоста стоел пред огледало и свирел гитара како Џими Хендрикс. Нам ни е втор пат да добиеме покана од организаторите од Заечар и многу ѝ се радуваме на повторната посета. Се надеваме дека ќе  затекнеме иста атмосфера како и минатиот пат и дека повторно ќе јадеме во истиот ресторан“, изјавија членовите на „Дубиоза колектив“, не криејќи го задоволството што повторно ќе настапат пред публиката на Краљевица.

 

Покрај „Дубиоза колектив“, за сега потврдени се и настапите на групата „Галија“, која победи на овој фестивал во далечната 1978 година, како и групата „Кербер“, чиј фронтмен Горан Шепа Гале пред две години, во текот на 47. „Гитаријада“ имаше улога на Роконачалник.

49. издание на „Гитаријадата“ годинава ќе се одржи од 29 јули до 1 август, а наскоро ќе биде познато името на уште еден хедлајнер. Конкурсот за демо бендови е во тек, а сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 22 март. Сите информации за конкурсот можете да ги дознаете овде.



Врати се горе ↑