Балкан 414083c3-fceb-4838-9ad2-545fc9cd5365

2 јуни, 2015

„Дубиоза колектив“ настапува на „Гластонбери“, „Бум таун фестивал“ и со „Фејт ноу мор“

Во последната недела од мај од таборот на „Дубиоза колектив“ дојдоа вести кои потврдуваат дека овој состав и во годинава пред нас, повторно ќе ги поместува границите. „Дубиоза колектив“ ќе настапи на „Гластонбери“, најголемиот и најпознат музички фестивал во светот и тоа дури два пати во еден ден. Во недела, на 28 јуни групата ќе одржи две свирки – на „Шангри-Ла“ (Shangri-La) и на „Д Глејд“ (The Glade) бините. Ова е прв пат во историјата еден состав од нашиот регион да гостува на најпознатиот собир на музички изведувачи на планетата, а особено пак да има прилика во повеќе наврати да се претстави на публиката.

“Многу нѐ радува тоа што годинава свириме во многу различни земји низ Европа бидејќи сме страсни колекционери на сувенири во облик на магнети за фрижидери и сега имаме пригода да ја комплетираме колекцијата. Чувме дека фестивалот ‘Гластонбери’ има посебно фестивалско магнетче кое засекогаш ќе има посебно место во нашите срца, но и покрај рачката за отворање на комората од замрзнувачот. Уште една добра работа во свирењето во странство е тоа што имаме можност зад сцената во големи количини да ‘дрмаме’ пиво од различни производители и да ги носиме дома на дегустација. Воглавно сѐ се сведува на украсување и пополнување на нашите омилени домашни уреди за разладување. Исто така нѐ радува што за прв пат ќе имаме пригода неказнето да испробаме континуирано возење на погрешната страна од улиците на патот до концертот во Велика Британија. Покрај магнети и пиво, на оваа летна турнеја нѐ радува и тоа што во сетот ќе свириме 8 до 10 песни од новиот албум“, изјавија членовите на Дубиоза по потврдените настапи.

„Шангри-Ла“, мини-градот на „Гластонбери“, оваа година тематски е обоен во знакот на активизмот и мирните протести. Друштво на „Дубиоза“ на оваа локација ќе им прават „Слејвс“ (Slaves), „Фет вајт фемили“ (Fat White Family), „Скинтс“ (Skints), „Роб да бенк“ (Rob Da Bank), „Скрим“ (Skream), „Даски“ (Dusky) и многу други. Просторот кој е доделен за „Глејд“ зоната се состои од вкупно четири бини на кои покрај останатите настапуваат и Адриан Шервуд (Adrian Sherwood), Дон Летс (Don Letts), „Алабама 3“ (Alabama 3), „Даб пистолс“ (Dub Pistols) и цела низа жанровски различни изведувачи. Овогодишното издание на фестивалот, кој дневно го посетуваат 150 илјади луѓе, а за кој влезниците се распродаваат буквално за неколку минути, ќе се одржи од 24 до 28 јуни, а програмата ги вклучува Канје Вест (Kanye West), „Фу фајтерс“ (Foo Fighters), „Д ху“ (The Who), „Флоренс енд д машин“ (Florence & The Machine), „Д кемикал брадерс“ (The Chemical Brothers), Фарел Вилијамс (Pharrell Williams), „Моторхед“ (Motorhead), Пети Смит (Patti Smith), „Суед“ (Suede) и импресивна листа на изведувачи на која сега се наоѓа и „Дубиоза Колектив“.

Ова не се единстевните датуми во Велика Британија – бендот веќе има потврдени настапи и на одличниот „Бум таун фер фестивал“ (Boom Town Fair Festival) кој во август се одржува во Хемпшир, а до крајот на годинава два пати ќе настапи со самостојни концерти во Лондон.

Со стапнувањето на тлото на Велика Британија, „Дубиоза“ ќе ја зголеми бројката на земји во кои ќе настапи годинава на дури 23. На овој список од претходно веќе се најдоа Германија, Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Шпанија, Шведска, Норвешка, Англија, Австрија, Франција, Полска, Чешка, Словачка, Белгија, Холандија, Русија, Унгарија, Романија, Луксембург, Швајцарија и Црна Гора.

Со Полска и Германија поврзана е уште една одлична вест, а тоа е дека бендот во тие држави два пати ќе настапи како гостин на групата „Фејт ноу мор“ (Faith No More). На покана од еден од најголемите светски рок бендови во последните децении, „Дубиоза“ ќе гостува на концертите во Краков на 8, и во Хамбург на 23 јуни. 

Дискографски групата беше активна минатата година објавувајќи го успешното ЕП издание „Happy Machine“ со кое го најавуваат истоимениот албум планиран за објавување во странство оваа есен. Албумот „Happy Machine“ ќе биде нивното прво лонг-плеј издание по „Апсурдистан“.

Оваа година, во сезоната во која на групата ѝ се насмевнуваат сериозни глобални успеси, „Дубиоза колектив“ нема да настапи во Македонија.



Врати се горе ↑