Балкан

8 февруари, 2018

„Дубиоза колектив“ го претстави својот филм за деца и возрасни

Еднаш одамна, во далечната земја наречена Босна и Херцеговина, група пријатели одлучија да оформат бенд. Но тоа не беше обичен бенд и тој не се создаваше во обични околности. Навистина, покрај локалните балкански вкусови, музичките влијанија доаѓаа од целиот свет (ска, панк, реге, електронски, хип-хоп), но, тогаш и таму, музиката сѐ уште не постоеше како индустрија, се случуваа само по неколку концерти годишно и немаше простор за културен или политички израз меѓу младите. Всушност, целиот регион го зафати длабока морална и егзистенцијална стагнација. Од тоа опкружување се роди „Дубиоза колектив“.

Денес, 15 години подоцна, „Дубиоза колектив“ го претставува својот прв документарен филм насловен Филм за деца и возрасни.

„Филмот е во еден дел директно поврзан со создавањето и снимањето на албумот кој се вика ‘Песнички за деца и возрасни’, па некако беше логично филмот да се вика ‘Филм за деца и возрасни’. За сите оние кои се помлади од 12 години, сакаме да кажеме дека филмот не спаѓа во категорија за ‘родителски надзор’, така што можат слободно да го гледаат. И по два, три пати ако сакаат“, изјавија во свој стил членовите на „Дубиоза“.

„Сите мислат дека снимањето на албум е романтичен потфат во кој нам музите тивко ни шепотат на уво слатка инспирација од која се раѓаат новите дела, но вистината е малку поинаква…“, со оваа реченица Бранко Јакубовиќ ги воведува гледачите во првата документарна приказна за „Дубиоза колектив“.

Ова не е филм кој се бави со самото оформување на бендот, туку пред сѐ ја раскажува приказната за создавањето на последниот албум, како настанале соработките со гостите на албумот, како дошло до поддршката на СКСК од Словенија и уште многу интересни ситуации, а филмот во режија на Мидхат Мујкиќ можете да го погледнете во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑