Балкан dubioza

22 јануари, 2016

„Дубиоза колектив“ е најбараниот бенд на „Еуросоник“ во Холандија!

Македонија една од фокус земјите на последното издание на најголемиот шоукејс фестивал во Европа!

За 2016 година на „Дубиоза колектив“ им се насмевнуваат сериозни глобални успеси, судејќи по реакциите на бројните фестивалски агенти собрани сите на неодамна одржаниот музички фестивал „Еуросоник Нордерслаг“ (Eurosonic Noorderslag) во Гронинген, Холандија. Според гласањата на промоторите, здружени преку програмите „ЕТЕП“ (Европска програма за рамена на талени – European Talent Exchange Programme) и „Јуроп“ (Yourope), најмногу гласови и позитивни критики доби токму „Дубиоза колектив“.

Публиката и музичките професионалци и понатаму го прераскажуваат експлозивниот настап на балканската атракција. Имено, поради интензивното скокање на публиката на сите нивоа во сценскиот шатор (дури и меѓу ВИП гостите), целата конструкција се помести и беа доведени во прашање настапите на останатите бендови таа вечер. Настапот на следниот бенд по „Дубиоза колектив“ пак, од тие причини доцнеше речиси цел час.

„Дубиоза колектив“ предизвика најголемо интересирање меѓу промоторите и се најде меѓу првите пет најбарани бендови за претстојните фестивали, потврди букерот на „Еуросоник“, а неговата изјава можете да ја погледнете во продолжение.

 

По исклучително успешното издание „Апсурдистан“ од 2013 година, објавувањето на новиот албум на „Дубиоза колектив“ – „Happy Machine“ е планирано за февруари годинава. Како најава на албумот, бендот неодамна го објави видео спотот за синглот „Free Mp3“, кој до сега има над 4 милиони прегледувања. На официјалниот сајт на „Дубиоза колектив“, фановите можат бесплатно да го симнат ЕП изданието „Happy Machine“ со 3 песни.

 

На годинешното издание на „Еуросоник“, кое се одржа од 13 до 16 јануари, Македонија беше една од фокус земјите на фестивалот, благодарение на ангажманот на фестивалот „Таксират“ во рамките на Програмата за размена на таленти од Централна Источна Европа „ЦЕЕТЕП“ (Central Eastern European Talent Exchange Programme), во која „Таксират“ изминатите години е активен како претставник од Македонија. Во рамките на оваа програма, на престижниот холандски фестивал чест да се претстави со свој настап во живо имаше и македонскиот бенд „ЏУН“ (JUNE,) кој важи за новата надеж на македонската музичка сцена. Дел од овој настап можете да чуете на овој линк.

Ова беше втор пат Македонија да учествува со свој музички претставник пред илјадниците експерти во музичката индустрија од целиот свет, за кои „ЕУРОСНИК“ е главното собирно место каде ги откриваат новите музички таленти. Имено, преку програмата „ЦЕЕТЕП“ во 2014 година, реномираниот македонски музичар Кирил Џајковски имаше привилегија да биде првиот македонски изведувач кој се претстави со свој концерт пред најдобрите агенти и фестивалски менаџери, со што потоа се создадоа контакти кои ја оформија неговата летна турнеја од повеќе од 15 концерти низ повеќе држави во Европа и тоа: Португалија, Белгија, Холандија, Унгарија, Романија, Хрватска, Црна Гора.

Фестивалот и конференцијата „Еуросоник Нордерслаг“ годинава на своето јубилејно 30. издание собра над 350 европски музички групи, 4.100 делегати и 42.000 посетители. Како едно од клучните места за промоција на новите таленти, фестивалот во изминатите неколку години беше отскочна даска за бројни музички имиња (на „Еуросоник“ беа лансирани бендовите „Госип“, „Едиторс“, „Франц Фердинанд“, „Стромае“ и тн…). Во продолжение можете да погледнете дел од атмосферата на „Еуросоник Нордерслаг“ 2016, а сите видеа и фотографии од конференцијата и фестивалот се достапни на официјалниот сајт.

 



Врати се горе ↑