Свет

16 јануари, 2018

Дуа Липа со најмногу номинации за британските музички награди

… за Сем Смит ниту една?!

Со доделувањето на златните глобуси и официјално започна годинашната сезона на награди, во чии рамки се слави сработеното во текот на минатата 2017 година. Полека се откриваат и номинираните уметници за соодветните манифестации, а деновиве беа објавени и музичките имиња кои имаат потенцијал да се закитат со британска музичка награда, за која се смета дека е еквивалент на престижните Греми од другата страна на Атлантикот.

Според бројот на номинации овој пат предводи популарната пејачка и авторка со косовско потекло, Дуа Липа, која се натпреварува во дури пет категории, вклучувајќи ги британски женски уметник и британски уметник во подем, нејзиното првенче „Dua Lipa“ е номинирано за британски албум на годината, а хитот „New Rules“ за британски сингл и британско видео на годината. Веднаш зад неа, со четири номинации е колегата Ед Ширан, чиј хит „Shape Of You“ е во трка за титулите британски сингл и британско видео на годината, а албумот „Dividе“ е номиниран за британски албум на годината, додека самиот тој е потенцијален добитник на наградата за британски машки уметник.

 

Она што може да се забележи од списокот со номинирани уметници е дека меѓу нив го нема името на Сем Смит, кој дефинитивно е еден од најуспешните музичари во изминативе неколку години. Тој на почетокот на ноември минатата година го објави вториот студиски албум „The Thrill Of It All“, најавен со хитот „Too Good At Goodbyes“, освојувајќи го првото место и на албумската и на сингл-листата во Велика Британија. Сепак, и покрај тоа што не доби ниту една номинација, пејачот ќе нè удостои со настап во лондонската арена „О2“, каде што ќе му се придружат и Дуа Липа, „Фу фајтерс“, „Рег-ен-боун мен“, Ед Ширан и Стормзи.

Годинашното, 38. по ред доделување на британските музички награди ќе се одржи на 21 февруари, а домаќин на манифестацијата ќе биде британскиот комичар и актер Џек Вајтхол. Настанот и овој пат ќе биде пренесуван во живо на Јутјуб, а временската разлика од само еден час ќе ни дозволи и ние да го проследиме во пристојно време. Како и секогаш, за наградата Изборот на критиката се одлучува порано, а оваа статуетка овој пат отиде во рацете на младата Џорџа Смит. Номинираните во сите категории ве очекуваат во продолжение.

Британски албум на годината

  • Дуа Липа – Dua Lipa
  • Ед Ширан – Divide
  • Џеј Хас – Common Sense
  • Рег-ен-боун мен – Humour
  • Стормзи – Gang Signs & Prayer.

Британски машки уметник

  • Ед Ширан
  • Лиам Галагер
  • Лојл Карнер
  • Рег-ен-боун мен
  • Стормзи

Британски женски уметник

  • Палома Фејт
  • Кејт Темпест
  • Џеси Вер
  • Лора Марлинг
  • Дуа Липа

Британска група

  • Вулф Алис
  • Горилаз
  • Лондон грамар
  • Ексес
  • Ројал блад

Британски уметник во подем

  • Дејв
  • Дуа Липа
  • Џеј Хас
  • Лојл Карнер
  • Самфа

Избор на критиката

  • Џорџа Смит – ПОБЕДНИЧКА
  • Мејбл
  • Стефлон Дон

Британски сингл на годината

  • Лиам Пејн –Strip That Down со Куејво
  • Џекс Џонс и Реј – ‘You Don’t Know Me
  • Клин бандит – Symphony со Зара Ларсон
  • Рег-ен-боун мен – ‘Human
  • Џеј Хас –Did You See
  • Келвин Харис – ‘Feels’ со Фарел Вилијамс, Кејти Пери и Биг Шон
  • Дуа Липа – ‘New Rules’
  • Ед Ширан – ‘Shape of You’
  • Џонас блу – ‘Mama со Вилијам Синџ
  • Литл микс – ‘Touch

Интернационален женски уметник

  • Тејлор Свифт
  • Лорд
  • Бјорк
  • Пинк
  • Алиша Киз

Интернационален машки уметник

  • Кендрик Ламар
  • Чајлдиш Гамбино
  • Дрејк
  • Бек
  • диџеј Калид

Интернационална група

  • Фу фајтерс
  • Аркејд фајр
  • Ел-си-ди саундсистем
  • Хаим
  • Килерс

Британско видео на годината

  • Ен Мари – Ciao Adios
  • Келвин Харис со Кејти Пери, Фарел Вилијамс и Биг Шон – Feels
  • Клин бандит и Зара Ларсон – Symphony
  • Дуа Липа – New Rules
  • Ед Ширан – Shape Of You
  • Хари Стајлс – Sign Of The Times
  • Џонас блу и Вилијам Синџ – Mama
  • Лиам Пејн и Куејво – Strip That Down
  • Литл микс – Touch
  • Зејн и Тејлор Свифт – I Don’t Wanna Live Forever

И.Ј.



Врати се горе ↑