Свет

18 декември, 2018

Дуа Липа сними песна за новиот филм на Џејмс Камерон, „Алита“

2018 сигурно беше една од најдобрите за Дуа Липа, која годинава ја одбележа со бројни хитови и соработки, освојувајќи ги врвовите на светските топ-листи, а за уште поуспешен крај, пејачката соопшти дека снимила песна (и видео) за претстојниот филм „Алита: Воен ангел“ (Alita: Battle Angel), кој го продуцираат Џејмс Камерон и Џон Ландау.

 

„’Swan Song’ – официјална песна од мене, со помош од моите пријатели Џастин, Кенеди, Џанки Екс-Ел и Метмен и Робин“, напиша таа, споделувајќи ја насловната фотографија. „Горда сум што бев вклучена во ваков неверојатен филм со моќен главен женски лик! Му благодарам на целиот тим на ’Алита’ што го оживеа овој лик, им благодарам на Џејмс Камерон, Џон Ландау, Роберт Родригез и на ’Твентиет сенчри фокс’ за оваа можност. Сите мора да го гледате овој филм!’ (Направивме и видео што беше мошне забавно да се сними, едвај чекам да го видите)“, дополни таа, но не откри кога точно ќе имаме можност да го видиме и слушнеме сето тоа.

 

Инаку, „Алита“ е приказна создадена врз основа на истоимениот јапонски стрип од Јукито Киширо и раскажува за киборг-хероината Алита, која се буди без сеќавања во постапокалиптичен свет, уништен од падот на технологијата. Режисер е Роберт Родригез, а улогите ги играат: Роса Салазар, Кристоф Волц, Џенифер Конели, Махершала Али, Мишел Родригез и други. Премиерата е закажана за 14 февруари, па „Swan Song“ сигурно ќе стигне барем неколку дена порано. Официјалниот трејлер за претстојниот филм погледнете го во продолжение.



Врати се горе ↑