Свет

11 јануари, 2019

Дуа Липа ќе си добие восочна фигура во „Мадам Тисо“

Нова година, нови правила! Британската ѕвезда Дуа Липа, која зад себе остави и повеќе од успешна 2018 година, соопшти дека ќе добие восочна фигура во познатиот музеј „Мадам Тисо“ во Лондон, каде што ќе биде изложена со восочните „двојници“ на нејзините колеги Ед Ширан, Мајли Сајрус и многу други.

Веста прво беше споделена на социјалните мрежи од самиот музеј, со кусо промотивно видео со луѓе кои вејат знамиња со името на Липа, а потоа фотографија објави и самата пејачка, која се пошегува дека „восочната двојничка ќе биде задолжена да се појавува на сите приватни настани“.

Како што споменавме, 2018 беше и повеќе од успешна година за музичката ѕвезда со косовско потекло, а новата 2019 ќе ја започне со веќе најавениот сингл „Swan Song“, кој го сними за новиот филм на Џејмс Камерон и Џон Ландау – „Алита: Воен ангел“ (Alita: Battle Angel). Премиерата на песната (и видеото) е закажана за 25 јануари, а на филмот за 14 февруари.

Липа веќе започна да работи и на својот втор студиски албум што ќе го наследи мошне успешното првенче „Dua Lipa“ (2017). „Ќе има и поп-песни на кои ќе можете да танцувате, но повеќето се тажни“, открила таа неодамна, а повеќе детали за претстојното издание се очекуваат наскоро.



Врати се горе ↑