Свет

22 февруари, 2018

Дуа Липа и Стормзи најголеми победници на „БРИТ 2018“

Во лондонската арена „О2“ вчера се одржа 38. доделување на британските музички награди, во чии рамки им беа доделени признанија на најдобрите музичари и изданија за изминатата 2017 година, а манифестацијата беше збогатена и со голем број одлични настапи, кои ги следеше и публиката ширум целиот свет преку директниот пренос на Јутјуб.

Честа да ја отвори вечерта ја имаше американската ѕвезда Џастин Тимберлејк, кој ги отпеа темите Midnight Summer Jam“ и „Say Something“ со колегата Крис Стејплтон, а по нив следеше добитникот на наградата за британски сингл на годината, „Рег-ен-боун мен“, кој се закити со ова признание за мегахитот „Human“. Тој настапи со колешката и актуелна добитничка на наградта за Избор на критиката, Џорџа Смит, изведувајќи го неговиот хит „Skin“. Третиот настап беше резервиран за пејачката со дури пет номинации за годинава, Дуа Липа, која го отпеа мегахитот „New Rules“, а дома си замина со две статуетки за британски женски уметник и британски уметник во подем.

 

Иако беше номиниран во четири (натпреварувачки) категории, Ед Ширан не освои ниту една од нив, но затоа беше добитник на наградата за глобален успех, а неговиот продуцент Стив Мек, кој работеше на актуелниот албум „Divide“, се закити со наградата за британски продуцент на годината. Ширан настапи на сцената во арената „О2“ со баладата „Supermarket Flowers“.

Следните изведувачи беа добитниците на наградата за интернационална група на годината„Фу фајтерс“ со „The Sky Is а Neighborhood“, а по нив настапи британскиот музичар Лиам Галагер, кој изведбата на „Live Forever“ ја посвети на жртвите на минатогодишниот концерт на Аријана Гранде во Манчестер. Иако не доби ниту една номинација годинава, Сем Смит сепак настапи на манифестацијата со најавниот сингл од актуелниот албум, „Too Good At Goodbyes“.

 

Кога станува збор за настан во живо, секако дека можеме да бидеме сведоци на технички грешки, а токму тоа се случи со настапот на американскиот рапер и годинашен добитник на наградата за интернационален машки уметник, Кендрик Ламар. Имено, на самиот почеток од настапот се чинеше дека има проблеми со матрицата, која неколку пати застануваше после првите десетина секунди. Раперот трпеливо чекаше да се реши проблемот и кога конечно се среди, следеше спектакуларен настап, својствен за Ламар.

Претпоследниот настап за вечерта беше резервиран за Рита Ора, која ги отпеа последните два хита, „Your Song“ и „Anywhere“, а потоа ѝ се придружи и колегата Лиам Пејн за изведбата на дуетот „For You“ од филмот „50 нијанси ослободени“. Со темите „Blinded by Your Grace, Part 2“ и „Big For Your Boots“, манифестацијата ја затвори сè попопуларниот британски рапер Стормзи, кој ја освои наградата за британски машки изведувач, а неговото првенче „Gang Signs & Prayer“ беше прогласено за британски албум на годината. 

 

Вака помина ова 38. доделување на британските музички награди, чиј водител беше англискиот актер и комичар Џејк Вајтхол, а секако дека ниту овде не изостана поддршката за движењата „И јас исто“ (Me Too) и Времето истече“ (Time’s Up), за кои сите учесници на манифестацијата носеа брошеви во форма на бела роза, како и вистински цветови на црвениот килим (галерија овде). Како и секогаш, настапите од сите изведувачи што настапија на вчерашното доделување наскоро ќе бидат објавени на нивните официјални канали на Јутјуб, а списокот со сите победници ве очекува во продолжение.

Британски албум на годината

  • Дуа Липа – Dua Lipa
  • Ед Ширан – Divide
  • Џеј Хас – Common Sense
  • Рег-ен-боун мен – Humour
  • Стормзи – Gang Signs & Prayer – ПОБЕДНИК

Британски машки уметник

  • Ед Ширан
  • Лиам Галагер
  • Лојл Карнер
  • Рег-ен-боун мен
  • Стормзи – ПОБЕДНИК

Британски женски уметник

  • Палома Фејт
  • Кејт Темпест
  • Џеси Вер
  • Лора Марлинг
  • Дуа Липа – ПОБЕДНИЧКА

Британска група

  • Вулф Алис
  • Горилаз – ПОБЕДНИЦИ
  • Лондон грамар
  • Ексес
  • Ројал блад

Британски уметник во подем

  • Дејв
  • Дуа Липа – ПОБЕДНИЧКА
  • Џеј Хас
  • Лојл Карнер
  • Самфа

Избор на критиката

  • Џорџа Смит – ПОБЕДНИЧКА
  • Мејбл
  • Стефлон Дон

Британски сингл на годината

  • Лиам Пејн – ‘Strip That Down со Куејво
  • Џекс Џонс и Реј – ‘You Don’t Know Me
  • Клин бандит – Symphony со Зара Ларсон
  • Рег-ен-боун мен – ‘Human‘ – ПОБЕДНИК
  • Џеј Хас – ‘Did You See
  • Келвин Харис – ‘Feels’ со Фарел Вилијамс, Кејти Пери и Биг Шон
  • Дуа Липа – ‘New Rules’
  • Ед Ширан – ‘Shape of You’
  • Џонас блу – ‘Mama со Вилијам Синџ
  • Литл микс – ‘Touch

 

Интернационален женски уметник

  • Тејлор Свифт
  • Лорд – ПОБЕДНИЧКА
  • Бјорк
  • Пинк
  • Алиша Киз

Интернационален машки уметник

  • Кендрик Ламар – ПОБЕДНИК
  • Чајлдиш Гамбино
  • Дрејк
  • Бек
  • диџеј Калид

Интернационална група

  • Фу фајтерс – ПОБЕДНИЦИ
  • Аркејд фајр
  • Ел-си-ди саундсистем
  • Хаим
  • Килерс

Британско видео на годината

  • Ен Мари – Ciao Adios
  • Келвин Харис со Кејти Пери, Фарел Вилијамс и Биг Шон – Feels
  • Клин бандит и Зара Ларсон – Symphony
  • Дуа Липа – New Rules
  • Ед Ширан – Shape Of You
  • Хари Стајлс – Sign Of The Times – ПОБЕДНИК
  • Џонас блу и Вилијам Синџ – Mama
  • Лиам Пејн и Куејво – Strip That Down
  • Литл микс – Touch
  • Зејн и Тејлор Свифт – I Don’t Wanna Live Forever

Награда за глобален успех – Ед Ширан

Британски продуцент на годината – Стив Мек („Divide“ на Ед Ширан)

И.Ј.



Врати се горе ↑