Видео

2 мај, 2019

Дрејк со нов рекорд, Мадона со холограмски настап на Билбордовите музички награди 2019

Во арената „Ем-Џи-Ем Гранд Гарден“ во Лас Вегас синоќа се одржа доделувањето на Билбордовите музички награди за 2019 година, а домаќинка на манифестацијата втора година со ред беше Кели Кларксон. И покрај тоа што според бројот на номинации предводеше Карди Би (21), најмногу статуетки, односно дури 12 награди собра канадската ѕвезда Дрејк, па со вкупно 27 во својата колекција, го собори рекордот кој досега го држеше Тејлор Свифт (23). Тој ја освои и најголемата награда на вечерта – најдобар уметник – како оние за најдобар машки уметник, најдобар рап-уметник и најдобар албум за „Scorpion“.

 

Веднаш зад него, со шест освоени награди е Карди Би, четири добија „Марун 5“, по три Ела Меј, Лук Комбс и Лорен Дегл, а по две Аријана Гранде, Бијонсе и Џеј Зи, Озуна, „Чејнсмоукерс“, „Би-Ти-Ес“ и „Пеник ет д диско“, додека наградата „Икона“, годинава отиде во рацете на легендарната Мараја Кери.

 

Како и секогаш, манифестацијата изобилуваше со одлични настапи, а честа да ја отворат вечерта ја имаа Тејлор Свифт и Брендон Јури со нејзиниот штотуку објавен сингл „Me!“. Мошне спектаклуларен настап имаше и Мадона, која заедно со колумбискиот колега Малума го изведе повратничкиот сингл „Medellin“, а на сцената можеа да се видат и повеќе холограми од пејачката. Меѓу останатите изведувачи беа и „Џонас брадрс“, Аријана Гранде, Халзи, Калид, Лорен Дегл, Сиера, Пола Абдул и Мараја Кери, а дел од настапите можете да погледнете во продолжение. Уживајте!

 



Врати се горе ↑