Концерт dragan-mijalkovski

26 февруари, 2013

Драган Мијалковски се враќа со голем концерт во Универзална Сала

Легендата на забавната музика, личноста која ги постави темелите на  поп правецот во Македонија, човекот со кој пораснаа многу генерации, конечно има одлични вести за своите фанови. Придружуван од ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија, Драган Мијалковски, на 6-ти март во универзалната сала, со голем концерт ќе го одбележи своето враќање на македонската музичка сцена.

„Сметам дека моите долгогодишни поддржувачи, фанови и вљубеници во мојата музика заслужуваат да ме видат по подолго време во моето препознатливо светло и да ги слушнат во живо хитовите кои ја одбележаа нивната генерација и со кои зачекорија  во светот на возрасните. Емоциите се присутни насекаде, а возбудата расте секој ден сè повеќе и повеќе како започнуваат подготовките околу концертот. Една од работите поврзани со овој концерт која особено ми претставува задоволство е тоа што придружбата која ќе ме прати во текот на целата вечер е ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија за кој нескромно ќе кажам дека навистина е голема чест да се настапува со сите тие врвни музичари и големи професионалци“ –  изјави Драган Мијалковски.

Ревискиот оркестар ќе ги засвири познатите звуци на песните на Мијалковски под диригентската палка на маестро Кире Костов, а како гости на вечерта, кои со своето присуство дополнително ќе го подигнат амбиентот во Универзална сала се евровизискиот претставник Влатко Лозановски и Тамара Тодевска.

Носталгија по минатото, враќање во младоста, спомени и мигови, места и ликови се дел од емоциите кои ќе ги разбуди во вас музиката и песната на познатиот пејач. Драган Мијалковски, во текот на својата долгогодишна музичка и естрадна кариера има отпеано голем број на хитови. Меѓу најпознатите, кои ќе имате можност во живо да ги слушнете на неговиот концерт се „Кажи ми“, „Кажи нешто драга“, „223 – 305“ и секако најновата со која се претстави на Скопскиот фестивал 2012, „Било Кој“.



Врати се горе ↑