Концерт doris-dragovic

22 октомври, 2013

Дорис Драговиќ ќе гостува на концертот на Оливер во Скопје

На претстојниот концерт на Оливер Драгојевиќ во Скопје, кој ќе се одржи на 29-ти ноември во арената „Борис Трајковски“, како гостин беше најавен неговиот помлад колега Петар Грашо, но поради концертот кој го одржа на 5-ти октомври по повод една година „Скопје Сити Мол“, плановите се променија, па како специјален гостин на овој концерт во организација на агенцијата „Гуливер Милс“ ќе се појави познатата хрватска дива Дорис Драговиќ.

Миленичката на македонската публика, која на крајот на осумдесетите години наполни седум Универзални сали една по друга, откако се повлече од поп-музиката изминативе десет години и се посвети на црковното пеење, се враќа на поп сцената. Драговиќ минатата година одбележа 30 години кариера со хуманитарен концерт чиј комплетен приход беше наменет за купување на респиратори за одделот за интензивна нега во детската болница „Клаиќ“ во Загреб.

Дорис Драговиќ својата кариера ја започна како пејачка на групата Море, со која го сними првиот албум во 1985 година. Ѕвезда преку ноќ стана откако ја претставуваше Југославија на Евросонг со „Жељо моја“ во 1986 година во Норвешка освојувајќи го 11-то место, а потоа во 1999 ја претставуваше Хрватска со песната „Марија Магдалена“ која во Израел и го донесе 4-то место. Во нејзината догогодишна кариера има снимено 15 студиски албуми, а приватно е омажена за поранешниот ватерполист Марио Будимир и е мајка на 23-годишниот син Борна.

Концертот на Оливер Драгојевиќ е организиран по повод неговиот 22-ри студиски албум насловен „Тишина мора“, а билетите можат да се набават во Гуливер, Југотон, цвеќара Розе – Веро 2, Камарад во Рамстор и во кугланата на СЦ „Борис Трајковски“ по цена од 700 и 800 денари. Во продолжение уживајте со најновиот видео запис за темата „С тобон јубави“, која Драгојевиќ го претстави пред неколку дена.

Извор: Вест



Врати се горе ↑