Настани e98ae3cf-b587-4953-94aa-d49dd691dfc0

21 октомври, 2014

Дополнителна можност за пријавување за „Лузер фест“!‏

„Таксират“ оваа година го најави враќањето на „Лузер фест“ – фестивалот посветен на „таксиратот“ на младите неафирмирани музичари и на наша особена радост, по бројот на пристигнати пријави, обновувањето на оваа традиција веќе се покажа дека е долгоочекуван предизвик за музичарите за кои „лузер“ е подобар „таксират“ од „тезга“! По барањата кои стигнаа од дел од бендовите, на кои им е потребно дополнително време за подготовка на материјалите, „Пасворд продукција“ Ве известува дека „ТАКСИРАТ“ го продолжува конкурсот за учество на „Лузер фест“ за дополнителни 10 дена.

Финалниот рок за пријавување на бендовите е до 31 октомври 2014, а се спроведува преку и-мејл адресата info@password.mk. Ги повикуваме сите македонски млади или стари, но неоткриени бендови да ја искористат оваа можност да ги вкрстат своите инструменти и да се натпреваруваат за наградите на „Лузер фест“.

За да се пријават на конкурсот, музичките групи треба во електронски формат да достават:
·         три досега необјавени авторски песни (во било кој аудио формат),
·         контакти,
·         фотографија и
·         кратка биографија на бендот и членовите.

Наградите кои „Таксират“ фестивал ги обезбеди за победниците се ретка пригода за промоција и развој на новите бендови.

Што ветува Таксират:

  • Победникот на „Лузер фест“ ќе биде награден со снимање на албум во студиото „Марифет“ (мarryPHAT) на Ивица Јанкуловски – Штраф и објавување на албумот под капата на „Пасворд продукција“;
  • Реномираните музички фестивали „ЕГЗИТ“ (Србија), „ПОХОДА“ (Словачка) и „ИНМЈУЗИК“ (Хрватска) самостојно ќе одберат еден од првите три рангирани бендови кои ќе сакаат да ги видат на една од сцените на нивниот фестивал;
  • „ТАКСИРАТ“ фестивал еден од бендовите ќе одбере да учествува како својпретставник за 2015 година во „ЦЕЕТЕП“ (CEETEP – Central Eastern European Talent Exchange Program) програмата која има за цел да поттикне настапи и популаризира артисти од централна и источна Европа преку фестивали, радио и ТВ емисии и други медиуми во цела Европа.

„Лузер Фест“ како традиционален предвесник на главната фестивалска вечер на „Таксират“, годинава, по пауза од пет години, ќе се одржи на 29. ноември во Младинскиот културен центар во Скопје! Право на учество со свој настап ќе имаат осумте најдобри бендови од сите пријавени на отворениот фестивалски конкурс.



Врати се горе ↑