Македонија skopski festival

1 ноември, 2013

Домашни и меѓународни ѕвезди на „Скопски фестивал 2013“

Скопски фестивал 2013 ќе се одржи на 12 ноември, во предвечерието на „Денот на ослободувањето на Скопје“, со почеток во 20 часот и 30 минути. 20 песни ќе бидат изведени во живо, следени од Ревискиот оркестар на МРТ, составен од 54 врвни музичари. Место на случување е сцената на Македонската опера и балет, а водител на настанот е познатиот македонски актер Васил Зафирчев.

Организаторот МРТ, за ова издание подготви повеќе изненадувања. Водителот Зафирчев, низ  еден атрактивен музичко сценски спектакл ќе ѝ го доближи на публиката чувството за присуство на фестивал од највисок ранг, а на сцената ќе се појават домашни и странски изведувачи.

„Предизвикот и оваа година да се биде дел од најпрестижната музичка манифестација во земјава, го прифатија најелитните авторски и интерпретаторски имиња од земјава но и пошироко, така што покрај домашните музички ѕвезди на сцената ќе блеснат и оние од соседството. Сите музички нумери, селектирани од меѓународниот музички конкурс ќе бидат одпеани во живо, на македонски јазик што всушност е еден од востановените принципи во традицијата на одржување на Скопскиот фестивал“ – изјави Мери Попова одговорна на проектот Скопски фестивал 2013.

Годинешниот Скопски фестивал за најдобрите ќе додели четири мошне вредни парични награди, од кои едната за животно дело.

„Ова е фестивалски бренд на Македонската Радио Телевизија, којшто низ годините на своето постоење беше од исклучително значење за историскиот развој на македонската музика. Затоа ја доделуваме Наградата за животно дело и особен придонес кон вредностите на Скопскиот фестивал и македонската музика, а годинешниот добитник е македонскиот композитор на забавна, оркестарска и балетска музика, Љубомир Бранѓолица“ – дополни Попова.

На сцената на Скопски фестивал 2013, ќе настапат: Верица Пандиловска, Јана Бурческа и Мики Секуловски, Ристо Самарџиев, Ламбе Алабаковски, Димитар Андоновски, Стефан Чепишевски,  Емил Арсов со Тончи Хуљиќ и Мадре Бадеша, Александра Јанева, Наталија Данаилова, Нина Јанева, Мики Јовановски Џафер, Ѓоко Танески, Андријана Јаневска, Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Дани Димитровска, Сара Мејс, Горан Каран, Игор Цукров и Кристина Арнаудова.

Во периодот на подготовка на Скопски фестивал 2013, паралелно интензивно во студиото М2 на МРТ, се работи и на снимањето на новите композиции, наменети за издавање на аудио материјал, што секако ќе ги израдува вљубениците во хитовите од овој фестивал.

Билетите ќе бидат пуштени во продажба на билетарата на МОБ, по цена од 400 денари. Директниот пренос на првиот програмски сервис и сателитскиот канал на МРТ од годинешново издание на Скопски фестивал 2013 година, ќе започне во 20 часот 10 минути со вклучување во фоајето на МОБ и  случувањата  на црвениот килим.



Врати се горе ↑