Македонија

22 јануари, 2018

Документарен филм за тетовскиот поп-рок бенд „Легенда“

Преку архивски снимки и фотографии, тетовскиот поп рок состав „Легенда“, кој важи за синоним на едно убаво време, ќе добие музички документарен филм насловен „Свет без граници“. Режиран е од Билјана Билбилоска и Глигор Кондовски од Тетово, и е нивни подарок за членовите на „Легенда“ и градот кој би сведочел за влијанието на оваа група на македонската поп-рок сцена во 90-тите години.

Групата „Легенда“ e оформена во 1991 година. Во речиси две децении постоење издаде неколку албуми, а станаа препознатливи по хитовите’92“, „Свет без граници“, „Време е“, „Зимбала Тримбала“, „Индиски чај, „На море“, „Еј кафано, слатки доме“, како и Признавам, не признавам“ со Ена Веко, која ќе ја видиме и како специјална гостинка во филмот.

 

„Направивме разговори со членовите на бендот во кои тие раскажуваат и ги опфаќаат сите аспекти од нивното музичко делување како на професионално така и на приватно рамниште. Крајна цел на овој документарец е да врати споемни од едно убаво време“, изјави Билјана Билбилоска за „Нова Македонија“.

„Долго време зборуваме со Билјана дека треба да соработуваме и да направиме некаков тип на филм. Одлучивме дека тоа треба да биде документарен филм во кој ќе се опфати поп-рок сцената во 90-тите и посебно за групата ’Легенда’. Снимен е во телевизска форма, преку интервјуа и архивски снимки и спотови“, додаде Глигор Кондовски.

Премиерата на филмот „Свет без граници“ е закажана за 9 февруари во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово.



Врати се горе ↑