Македонија

15 август, 2017

Документарецот „Avec l’amour“ потенцијален македонски кандидат за Оскар

Документарниот филм на Илија Цветковски и Атанас Георгиев, „Avec l’amour“ (Со љубов), ги освои симпатиите на светската публика и веќе претендира да биде македонскиот кандидат за Оскар.

Филмот направен со скромен буџет, но со многу љубов, е приказна за поранешниот професор по биологија, Дионис Пашлаков од Неготино, кој има огромна колекција на стари автомобили во овој македонски град. Тој навечер дури и спие покрај автомобилите, сонувајќи дека еден ден во Неготино ќе отвори музеј каде што ќе бидат изложени неговите олдтајмери.

aveclamour-posterОфицијалниот постер за премиерата во Торонто

„Avec l’amour“ е филм за неговата пасија, љубов и фантазија и поддршката од неговата сопруга Грозданка, а Илија и Атанас се потрудиле сето тоа да биде светски спакувано, со музика од култната битолска група „Фолтин“. Токму затоа филмот има голема шанса да биде номиниран за престижниот Оскар во категоријата Најдобар документарен филм, а пофални зборови имаат и големите имиња од Холивуд.

Spielberg_premiere_2-696x986Стивен Спилберг на премиерата во Торонто

Имено, како што пишува „Докс инсајтс“ (Docs Insights), воодушевени од филмот биле познатиот режисер Стивен Спилберг и водителот Џеј Лено, кои присуствувале на премиерата што се одржа во април на филмскиот фестивал во Торонто, Канада. Спилберг тогаш изјавил дека е еден од најдобрите документарци што ги гледал, а Џеј Лено изразил желба да дојде во Македонија и да го посети музејот на Дионис.

JayLeno_premiere_1-683x1024Џеј Лено со сопругата на премиерата во Торонто

Исто така, според филмаџиите, примерок од филмот добил и режисерот Оливер Стоун, кој наводно ќе доаѓа во Македонија за да го гледа филмот на фестивалот „МакеДокс“. Покрај Торонто, „Avec l’amour“ беше прикажан и на филмскиот фестивал во Минхен, во Германија, а дел е и од сараевскиот филмски фестивал, кој се одржува од 11 до 18 август.

Извор и фотографии: docsinsights.com



Врати се горе ↑