Свет aw-ns

5 декември, 2015

Документарците за Ејми Вајнхаус и Нина Симон во трка за Оскарите

Иако номинациите за претстојното издание на Оскарите ќе бидат објавени дури на почетокот на следната година (14.01.2016), Академијата за филмски уметности и науки веќе ја има прелиминарната листа за потенцијални номинации, меѓу кои и категоријата за најдобар документарен филм. Како што пишува „Ролинг стоун“, 15 филмови успеале да се најдат во потесната трка за оваа категорија, меѓу кои и документарците за познатите пејачки Ејми Вајнхаус и Нина Симон.

Филмот насловен „Ејми“ или „Ејми – девојката зад името“ (Amy – The Girl Behind the Name), во режија на Асиф Кападија, својата премиера ја доживеа летово. Двочасовниот документарец наиде на одлични реакции и од публиката и од критиката (рецензија на македонски ќе најдете овде), а потенцијалната номинација за Оскар ќе биде уште едно признание за Кападија, кој во 2010 година се закити и со наградата БАФТА за најдобар документарен филм за филмот „Сена“, за бразилскиот возач на тркачки автомобили Аиртон Сена.

 

„Што се случи, г-це Симон?“ (What Happened, Miss Simone?) е насловот на биографскиот филм за легендарната Нина Симон, кој во јануари годинава го отвори филмскиот фестивал „Санденс“, а пошироката публика имаше можност да го погледне во јуни на „Нетфликс“. Во режија на Лис Гарбус, филмот се состои претходно необјавени архивски снимки и интервјуа со ќерката на Нина, Лиса Симон Кели и бројни пријатели.

 

Годинава беше конечно објавен и документарниот филм за уште еден легендарен музичар – Курт Кобејн, меѓутоа ова остварување во режија на Брет Морген за жал не се најде меѓу номинираните во оваа категорија.

 88. доделување на академските филмски награди, односно Оскарите, ќе се одржи на 28 февуари следната година, а улогата на водител на манифестацијата по втор пат ќе му припадне на актерот и комичар Крис Рок, кој претходно беше домаќин во 2005 година.



Врати се горе ↑