Балкан dok7

16 февруари, 2014

Док7 без пауза: Наскоро нов видео запис и нов албум

Посветениот состав од Ниш, соседна Србија, во изминатиов период вредно работеше на нови песни, а деновиве ја актуелизираше приказната и за новиот видео запис. Иако е сè уште „игра“ во демо фазата, Док7 е веќе етаблиран бенд во круговите кои ги следат случувањата на српската и регионалната панк-рок сцена, а тоа го потврдуваат и настапите на големите фестивали ширум просторот на поранешна Југославија.

„На новиот албум ќе се најдат 10 нови песни. Подготовките се веќе при крај и во моментов материјалот се наоѓа во финалниот процес на микс и продукција. Во меѓувреме подготвуваме снимање на видео запис за една од песните од албумот.“ – вели Иван Матејиќ.

По забележителниот настап во финалето на белградскиот Демо Фест Лајв минатата година, за кој велат дека „им отвори многу врати кои до неодамна им биле затворени и им помогнал во сите сфери за пласирање музика“, оваа вредна екипа забележа значаен број концертни настапи, а Иван открива кои се нивните следни чекори напоредно со финализирањето на албимот и новиот видео запис: „Следат преговори со издавачи и организација на промоција. Промоцијата ќе се одржи во Ниш и Белград, а потоа подготвуваме и промотивна турнеја во другите градови во Србија и регионот. Работиме со полна пареа, но има и многу важни ситници кои треба да се покријат за да ја заокружиме целата работа и да ја реализираме нашата замисла. Искрено се надеваме дека сето тоа ќе се заврши до втората половина на март.“ 

Додека го очекуваме следното музичко парче на Док7, во продолжение уживајте со нешто постаро – темата „Fellacio“ од 2012 година.

 



Врати се горе ↑