Видео

3 декември, 2018

Дојде од Јамајка и победи на британскиот „Х фактор“

24-годишниот Далтон Харис од Јамајка триумфираше на британскиот „Х фактор“, чија јубилејна 15. сезона кулминираше викендов во арената „Вембли“ во Лондон. Како што пренесуваат британските медиуми, талентираниот пејач освојувал најмногу гласови од публиката и во текот на сите финални вечери во живо, оставајќи ги зад себе второпласираната Скарлет Ли и третопласираниот Ентони Расел.

Иако зад себе има шест албуми во родната Јамајка, речиси сите од нив во денсхол и реге-стил, Харис никогаш не успеа да се стекне со светска слава сè досега, а во тоа му помогна неговиот ментор – некогашниот член на „Уан дајрекшн“ – Луи Томлинсон, кој и самиот ја започна својата кариера во овој натпревар.

На „Х фактор“ тој се претставуваше претежно со балади, давајќи им свој печат на секоја од нив, а жирито едвај доаѓаше до збор од прегласните аплаузи што ги добиваше после секоја изведба. „Listen“ од Бијонсе, „Creep“ од „Рејдиохед“, „I Have Nothing“ од Мараја Кери се само дел од темите што ги отпеа во текот на финалните вечери за во големото финале да настапи заедно со Емели Санде со нејзината „Beneath Your Beautiful“, а победничкиот сингл „The Power Of Love“ да го отпее со победникот од 2012 година – Џејмс Артур.

Со победата на популарниот музички натпревар, Далтон дефинитивно ќе има огромна можност да се докаже пред светската сцена, а дали ќе го повтори успехот на Леона Луис, Џејмс Артур и „Литл микс“, или ќе падне во заборав како некои други победници од минатите сезони, ќе дознаеме веќе од следната година. Сите настапи можете да ги погледнете во продолжение. Уживајте!



Врати се горе ↑