Концерт cvr_fb

15 мај, 2014

DOG EAT DOG вечерва во Скопје!

Денeска (четврток, 15 мај) американскиот кросовер бенд Дог Ит Дог (DOG EAT DOG) ќе одржи концерт во МКЦ во Скопје. Дог Ит Дог по 19 години, доаѓа во Скопје во рамки на европската турнеја организирана по повод 20 годишнината од објавувањето на првиот, легендарен албум на групата, насловен „All Boro Kings“. Домашната публика го памети одличниот, прв и до сега единствен настап на DOG EAT DOG кај нас, кој се одржа во 1995 година во рамките на „Т Фестивал“ во Скопје. Речиси 19 години подоцна, овој енергичен состав повторно доаѓа во Скопје и тоа со свој самостоен концерт кој DOG EAT DOG го најави и со следното видео.

Концертот на ДОГ ИТ ДОГ вечерва ќе се одржи со почеток во 21:00 часот, а влезот за посетителите во МКЦ ќе биде отворен во 20:00 часот. Како предгрупа гостува и TV RAGE, македонскиот рок’ен’рол бенд кој го претставува нојз-панк звукот на младата и плодна кумановска сцена, кој ќе го претстави и материјалот од своето ЕП издание од 2013 година, насловено „RIOT FROM THE GROUND“.

Влезниците за концертот на DOG EAT DOG во претпродажба чинат 350 денарии се достапни во продажната мрежа на МКтикетс! Веќе денеска, на денот на концертот (15 мај 2014), на билетарата на Младински Културен Центар влезниците се продаваат по полната цена од 400 денари.

Продажни места:

  • Продажните салони на ONE во: Скопје (Рамстор, ТЦ Бисер, ГТЦ, ВЕРО Центар, Скопје Сити Мол), Куманово, Тетово, Гостивар, Битола 01, Охрид, Струга, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Штип, Велес, Кочани, Струмица, Гевгелија.
  • Во Скопје: Југотон ГТЦ 1 кат, МКЦ, Кафе Круг (Аеродром), Кафе Браво, МПМ ПРЕСС, Гоги Драчево
  • Онлајн преку интернет страницата на МКтикетс.

Дог Ит Дог е американски бенд од Њу Џерси, основан во 1990 година кога беше дел од хардкор музичката сцена на Њујорк и Њу Џерси. Со членови кои денес живеат во Њу Џерси, Вашингтон и Европа, бендот за себе вели дека е базиран на сите три локации. Дог Ит Дог беше еден од првите бендови кои почнаа да комбинираат хардкор и рап, стил кој подоцна прерасна во стандарден музички израз. Групата постигна комерцијален успех со сингловите како “No Fronts”, “Expect The Unexpected” и “Who’s The King” – кои го покажуваат токму нивниот уникатен спој на хардкор, рап и саксофон. Од нивниот прв албум па сѐ до денес, а особено во последната декада звукот на бендот еволуираше до вклучување на елементи од фанк, ска и хип хоп музиката.
До сега имаат објавено четири студиски албуми, од кои првиот „All Boro Kings“ се појави во 1994 годна. Албумот и хитовите кои тој ги претстави, на Дог Ит Дог им го донесе првиот комерцијален успех, кој резултираше и со освојување на наградата за најдобар нов артист на музичкиот канал „Ем-ти-ви“ во 1995, победувајќи ги во категоријата артистите како Аланис Морисет, Портишед и Визер.

Последниот албум „Walk With Me“ групата го објави во 2006 година, враќајќи се на сцената со микс од музички стилови кои ги освои старите фанови, но привлече и многу нови вљубеници во нивниот стил.  Новите песни како „M.I.L.F.“, „Hell Yeah“, „E.S.B.“ и „Cannonball“, најдобро ја демонстрираа својата енергичност на настапите во живо и ја излудуваа публиката на секој настап. Во рамки на турнјета за овој албум, групата настапи на повеќе од 35 летни фестивали и 40 клубови во 2006 година.  Откако неколку години по ред, стандардно одржуваа помеѓу 50 и 80 концерти, Дог Ит Дог решија да направат пауза од турнеите и во 2008 настапија само на еден голем фестивал. Но, во 2009 година, повторно се појавија на турнеја низ Европа, организирана во чест на 15-годишнината од првиот албум. По, повеќе промени во составот кои бендот ги имаше во својата кариера, од 2010 година групата повторно го обедини својот оригинален состав, прославувајќи ги 20-те години постоење на бендот во чиј знак е и годинешната турнеја.

Оттогаш приказната продолжува… Очекувајте го неочекуваното!



Врати се горе ↑