25 февруари, 2015

Доделувањето на БРИТ наградите вечерва во живо на „Јутјуб“

Вечерва во лондонската арена „О2“ по јубилеен 35. пат ќе бидат доделени британските музички награди, односно „БРИТ награди“. Благодарение на сервисот „Јутјуб“, со почеток од 21 часот оваа најважна ноќ за британската музичка сцена ќе можат да ја проследат и фановите ширум целиот свет. Манифестацијата ќе биде збогатена со настапите на најпознатите музички имиња во Британија како што се Сем Смит, Ед Ширан, Џорџ Езра, „Тејк дет“, Палома Фејт и „Ројал блад“, а ќе запеат и нивните колешки од другата страна на Атлантикот, Тејлор Свифт и Мадона.

Што се однесува на номинациите, сосема очекувано беше да предводи Сем Смит, кој има потенцијал да си оди дома со 5 награди – младиот пејач ќе се бори за титулата „Британски уметник во подем“ и „Британски машки уметник“, неговото историско првенче „In The Lonely Hour“ доби номинација за „Британски албум на годината“, а хит синглот „Stay With Me“ е во трка за 2 статуетки во категориите „Британски сингл“ и „Британски видео запис на годината“. Неговите колеги Ед Ширан и Џорџ Езра добија по 4 номинации, а на номинираните во сите категории можете да се потсетите овде.

Интересно е тоа што за категоријата „Британски видео запис на годината“ ќе се гласа за време на самата манифестација, а можност да гласаат ќе имаат сите гледачи ширум светот, така што доколку сакате да победи вашиот омилен видео запис, тоа ќе можете да го направите преку социјалните мрежи користејќи хаштаг (#). Правилата ќе Ви ги објаснат водителите Ант и Дек.

Значи, со почеток од 21 часот, настанот можете да го следите горе или на youtube.com/user/thebritawards

 п.с. Велика Британија е 1 час поназад од нас, така што 20 часот кај нив е 21 кај нас.



Врати се горе ↑