Видео 10417745_1494358640836924_8606236539894357991_n

12 декември, 2014

Доделени првите музички награди на Би-би-си

Британската Радиодифузна Корпорација, односно Би-би-си вчеравечер ги додели своите први музички награди, а во рамките на двочасовната манифестација настапија бројни изведувачи од британската музичка сцена. Во текот на денот беа доделени награди во повеќе категории како што се „Најдобар млад музичар“, „Најдобар џез музичар“, „Најдобар хорист“ итн, а на самата манифестација беа прогласени победниците во категориите за „Најдобар британски уметник“, „Најдобар интернационален уметник“ и „Најдобра песна за 2014 година“, како и категоријата за нови надежи – „Би-би-си Ви претставува“ (BBC Introducing).

Иако беше оправдано отсутен, Фарел Вилијамс доби две статуетки и тоа за „Најдобар интернационален уметник“ и за „Песна на годината“, за неговиот мега хит „Happy“. Победникот во оваа категорија го прогласи познатиот британски актер Идриз Елба, а во видео јавувањето од Америка, статуетката му ја врачи колешката Гвен Стефани.

 

Како најнадежна група во категоријата „Би-би-си Ви претставува“ беа избрани момците од бендот „Кетфиш енд д ботлмен“ (Catfish and the Bottleman), а легедарниот Том Џонс го прогласи добитникот на наградата за „Најдобар британски уметник за 2014 година“ која отиде во рацете на Ед Ширан.

 

Што се однесува на настапите, честа да ја отворат церемонијата ја имаа членовите на бендот „Колдплеј“ кои го изведоа хитот „Sky Full Of Stars“, по кои следеше заедничкиот настап на Лабиринт и „Х Фактор“ ѕвездата Ела Хендерсон изведувајќи ги хитовите „Jealous“ и „Ghost“.

 

Интересен настап имаа  „Клин бандит“ и Џес Глин изведувајќи ги темите „Mozart’s House“ и „Rather Be“, хитот кој беше номиниран во категоријата за најдобра песна за 2014 година, а веднаш по нив настапи и Грегори Портер со мешавина од песните „Feeling Good“ и „Liquid Spirit“.

Младиот фолк и блуз музичар Џорџ Езра настапи со својот најпознат хит сингл „Budapest“, по кој следеше настапот на сензацијата „Уан дајрекшн“ со нивниот хит „Steal My Girl“, како и „најдобриот британски уметник за 2014 година“, Ед Ширан со „Sing“.

Шкотскиот диџеј и продуцент Келвин Харис ги претстави соработките со Џон Њумен и Ели Гоулдинг, односно темите „Blame“ и „Outside“, а по нив следеше настапот на добитниците на наградата „Би-би-си Ви претставува“, бендот „Кетфиш енд д ботлмен“ со темата „Kathleen“.

 

Младата музичарка Палома Фејт ги изведе хитовите „Only Love Can Hurt Like This“ и „Changing“, а „Тејк дет“ настапија со актуелниот сингл „These Days“.

 

Завршните настапи беа резервирани за Вил Ај Ем со колегата Коди Вајс кои ја изведоа темата „It’s My Birthday“, како и дуетската изведба на Том Џонс и Палома Фејт кои настапија со „God Only Knows“.



Врати се горе ↑