31 август, 2015

Доделени музичките награди за најдобри видео записи според Ем-ти-ви

Ноќеска во Лос Анџелес, Калифорнија, се одржа доделувањето на музичките награди за најдобрите видео записи за 2015 година на Ем-ти-ви (MTV VMA 2015), а на манифестацијата водена од контроверзната Мајли Сајрус настапи дел од најактуелните имиња во музичката индустрија, како што се: Ники Минаж, Тејлор Свифт, Џастин Бибер, Викенд и други.

Тејлор Свифт си замина дома со четири статуетки, меѓу кои и главната награда за Видео запис на годината, која ја доби за филмската екранизација на хитот „Bad Blood“, а меѓу највпечатливите моменти од вечерта е секако настапот на „новиот Мајкл Џексон“, односно канадскиот музичар со потекло од Етиопија – Абел Тесфеј (Abel Tesfaye), попознат како Викенд (The Weeknd), кој буквално ја запали сцената со изведбата на актуелниот хит I Can’t Feel My Face, а како изгледаше сето тоа можете да погледнете горе.

Свифт ја искористи оваа пригода да го промовира својот нов видео запис за темата „Wildest Dreams“, а интересната филмска приказна Ве очекува во продолжение.

Специјалното признание кое го носи името на кралот на поп музиката – наградата  „Michael Jackson Video Vanguard“ годинава му беше врачена на Канје Вест, кој, во свој стил, одржа мошне долг, по малку необичен, но искрен говор, нагласувајќи дека сè уште не може да ја сфати целта на ваквите доделувања на награди: „Не сфаќам како можат да одберат 5 луѓе кои работеле сиот свој живот, распродавале концерти, снимале албуми и наеднаш се наоѓаат во ситуација да бидат сметани за губитници! Не го сфаќам тој концепт за најдобар албум, најдобра песна… Јас само сакам да им се допаднам на луѓето!“, рече познатиот музичар.

Списокот со наградени видео записи Ве очекува во продолжение, а доколку ја пропуштивте синоќешната манифестација, истата можете да ја прегледате на www.vma.mtv.com, како и во текот на неделава на регионалниот канал на Ем-ти-ви.

Видео запис на годината: Тејлор Свифт и Кендрик Ламар – Bad Blood

Најдобар видео запис од машки изведувач: Марк Ронсон и Бруно Марс – Uptown Funk

Најдобар видео запис од женски изведувач: Тејлор Свифт – Blank Space

Најдобар хип-хоп видео запис: Ники Минаж – Anaconda

Најдобар поп видео запис: Тејлор Свифт – Blank Space

Најдобар рок видео запис: Фол аут бој – Uma Thurman

Изведувач во подем Венс Џој – Riptide

Најдобар дует/соработка: Тејлор Свифт и Кендрик Ламар – Bad Blood

Видео со општествена порака: Биг Шон со Канје Вест и Џон Леџенд One Man Can Change the World

 

Репризите на регионалниот канал на Ем-ти-ви Ве очекуваат во следните термини:

вторник (1 септември) во 22.40 часот

среда (2 септември) во 08.00 часот и 15.20 часот

четврток (3 септември) во 23.00 часот

петок (4 септември) во 13.40 и 21.50 часот

сабота (5 септември) во 12.30 и 22.20 часот

и недела (6 септември) во 13.20 и 23.20 часот

 



Врати се горе ↑