Настани 980x551

25 август, 2014

Доделени MTV VMA за 2014 година

Синоќа во Инглвуд, Калифорнија, беа доделни овогодишните наградите за најдобрите видео записи за 2014 година според музичкиот канал MTV, односно MTV VMA 2014. Присутната публика и онаа покрај малите екрани имаше можност да ужива во настапите на едни од најзвучните музички имиња на денешницата како што се Бијонсе, Иги Азалија, Ашер, Аријана Гранде, Тејлор Свифт, Ники Минаж, Сем Смит, Џеси Џеј, 5 Секндс оф Самр и други. Во улога на презентери се појавија познати личности како што се Гвен Стефани, Снуп Дог, Ким Кардашијан, Деми Ловато, Лорд, Тејлор Шилинг, Лаверн Кокс, Узо Адуба, Дилан О’Браен, Нина Добрев, Џејсон Деруло и Треј Сонгз.

Светската суперѕвезда Бијонсе, која со објавувањето на својот аудиовизуелен албум „Beyoncé“ ги изнанеди фановите ширум светот, се најде на врвот на листата според бројот на номинации вклучувајќи ги и категориите за Видео запис на годината, Најдобар видео запис од женски изведувач и Најдобра кореографија. Џеј Зи, Кејти Пери, Мајли Сајрус, Фарел Вилијамс, Аријана Гранде, Лорд, Сем Смит, Сиа, Зед, Авичи, Питбул, Џејсон Деруло и Хејли Вилијамс исто така беа номинирани во неколку категории. Еминем и австралиската раперка Иги Азалија добија по седум номинации.

Првите победници во новата категорија Најдобар текстуален видео запис беа момците од групата 5 Секндс оф Самр, а наградата им беше доделена во воведната програма на црвениот тепих. Како што беше најавено, вечерта ја отвори Аријана Гранде со „Break Free“, веднаш по неа на сцената се појави и Ники Минаж изведувајќи го нејзиниот хит „Anaconda“, а потоа им се придружи и колешката Џеси Џеј за заедно да го изведат хитот „Bang Bang“. Веднаш по изведбата, на сите платформи на MTV ширум светот беше премиерно прикажан и видео записот за оваа песна.

Снуп Дог и Гвен Стефани ја претставија првата награда за вечерта, а во категоријата Најдобар видео запис од женски изведувач победи Кејти Пери со екранизацијата за темата „Dark Horse“ во која гостува Џуси Џеј. Следеше настапот на Тејлор Свифт со неодамна претставениот сингл „Shake It Off“, а настапот беше најавен од нејзината пријателка и колешка Лорд. Потоа, водителката Челси Хендлер ја претстави наградата за Најдобар видео запис од машки изведувач, која отиде во рацете на Ед Ширан за неговиот хит „Sing“, кој заедно со него го направи Фарел Вилијамс, а наградата за Најдобар поп видео запис ја освои Аријана Гранде за нејзиниот „Problem“ кој го сними со Иги Азалија. Најдобриот хип-хоп видео запис за 2014 година го има Дрејк за песната „Hold On (We’re Coming Home)“, по што следеше настапот на Ашер. Следната награда во категоријата Најдобар рок видео запис отиде во рацете на Лорд, секако за нејзиниот сè уште популарен хит „Royals“, а специјалната награда „Michael Jackson Video Vanguard“ годинава ја доби Бијонсе. Нејзиниот настап кој беше и последен за вечерта, се состоеше од дури 14 песни „спакувани“ во изведба од 16 минути и тоа по следниот редослед: “Mine”, “Haunted/Pretty Hurts”, “Haunted”, “No Angel”, “Jealous”, “Blow”, “Drunk In Love”, “Rocket”, “Partition”, “Superpower”, “Flawless”, “Yonce”, “Blue” и “XO”.

За најпосакуваната награда, Видео запис на годината, се бореа Иги Азалија и Чарли Екс-Си-Екс со својот хит „Fancy“, Бијонсе и Џеј Зи со „Drunk In Love“, заразниот поп феномен „Happy“ на Фарел Вилијамс, Сиа со нејзиниот „Chandelier“ и мегапопуларната балада „Wrecking Ball“ на Мајли Сајрус. Оваа категорија ја претстави познатиот водител и комичар Џими Фелон, а статуетката „Човек на месечината“ отиде во рацете на Мајли Сајрус. Наместо пејачката, наградата ја прими момче бездомник кој ја најави иницијативата на Сајрус за собирање средства за нејзиниот Центар за млади бездомници.

Во продолжение погледнете ја листата на добитници на наградите на 2014 година:

Видео запис на годината: Мајли Сајрус – Wrecking Ball

 

Најдобар хип-хоп видео запис: Дрејк и Маџид Џордан – Hold On (We’re Going Home)

 

Најдобар видео запис од машки изведувач: Ед Ширан и Фарел – Sing

 

Најдобар видео запис од женски изведувач: Кејти Пери и Џуси Џеј – Dark Horse

 

Најдобар поп видео запис: Аријана Гранде и Иги Азалија – Problem

 

Најдобар рок видео запис: Лорд – Royals

 

МТV Уметник во подем: Фифт Хармони – Miss Movin’ On

 

Најдобра музичка соработка: Бијонсе и Џеј Зи – Drunk In Love

 

MTV Clubland награда: Зед и Хејли Вилијамс – Stay The Night

 

Најдобар видео запис со порака: Бијонсе – Pretty Hurts

Најдобра камера: Бијонсе – Pretty Hurts

 

Најдобра монтажа: Еминем – Rap God

 

Најдобра кореографија: Сиа – Chandelier

 

Најдобра режија: диџеј Снејк и Лил Џон – Turn Down For What

 

Најдобра сценографија: Аркејд Фајр – Reflektor

 

Најдобри визуелни ефекти: ОКЕЈ Гоу – The Writing’s On the Wall

 

Најдобар текстуален видео запис – 5 Секндс оф Самр – Don’t Stop

 

Доколку ја пропуштивте синоќешната манифестација, истата можете да ја прегледате на официјалната веб страна на MTV, како и во следните термини на регионалниот канал:

вторник, 26 август во 19.00 часот

среда, 27 август во 07.50 часот и 15.20 часот

четврток, 28 август во 15.20 часот

петок, 29 август во 17.20 часот

сабота, 30 август во 12.10 и 22.20 часот

недела, 31 август во 14.20 и 00.00 часот

Следната музичка манифестација на МТV е закажана за 9 ноември во Глазгов, кога ќе се доделат Европските Музички Награди.



Врати се горе ↑