16 февруари, 2016

Доделени Греми наградите за 2015 година

Синоќа, во центарот „Стејплс“ во Лос Анџелес, по 58. пат беа доделени престижните музички награди Греми, а во рамките на манифестацијата, чиј домаќин по 5. пат беше познатиот рапер Ел-ел Кул Џеј, публиката имаше можност да ужива во бројни настапи на најактуелните ѕвезди во моментов. Се чини дека синоќешната манифестација помина во знакот на оддавањето чест на сите оние коишто повеќе не се со нас, а особено внимание привлече настапот на Лејди Гага, која ги отпеа најпознатите хитови на неодамна починатиот британски музичар, легендарниот Дејвид Боуви (видео горе); Џексон Браун со бендот „Иглс“ настапи во чест на Глен Фреј, потоа Крис Стејплтон, Гери Кларк Јуниор и Бони Рајт му оддадоа чест на блуз легендата Би-Би Кинг, триото „Холивуд вемпајрс“, составено од Алис Купер, Џо Пери и Џони Деп, на Леми Килмистер од „Моторхед“, Мигел на Мајкл Џексон, а Стиви Вондер и „Пентатоникс“ на Морис Вајт од „’Рт, уинд енд фајр“. 

И покрај тоа што предводеше по бројот на номинации (11), американскиот рапер Кендрик Ламар замина дома со пет статуетки, вклучувајќи ги наградите за Најдобар рап албум за „To Pimp a Butterfly“ и Најдобра рап песна за „Alright“, а Тејлор Свифт и Викенд, кои имаа по 7 номинации, дома си заминаа со 3, односно 2 златни грамофони (видео од настапот овде). Свифт триумфираше и во една од четирите „главни“ категории, освојувајќи ја наградата за Албум на годината, за своето минатогодишно издание „1989“, кое победи и во категоријата Најдобар поп вокален албум, а екранизацијата за „Bad Blood“ беше прогласена за Видео запис на годината.

Канадската ѕвезда Викенд, пак, за својот 3. студиски албум „Beauty Behind The Madness“ ја понесе наградата Најдобар урбан современ албум, а со хитот „Earned It“ од филмот „50 нијанси сиво“ победи во категоријата Најдобра ар-ен-би изведба. Музичарите исто така настапија на манифестацијата – Тејлор го отвори настанот со изведбата на „Out of the Woods“, a Викенд изведе дел од хитот „I Can’t Feel My Face“ и актуелниот сингл „In The Night“ (видео овде).

Без никакво изненадување, наградата за Снимка на годината отиде во рацете на Марк Ронсон и Бруно Марс, за нивниот мегахит „Uptown Funk“, која победи и во категоријата Најдобра поп изведба од дуо/група, а за Песна на годината беше прогласена прекрасната балада на Ед Ширан – „Thinking Out Loud“. Својот прв златен грамофон конечно го доби популарниот Канаѓанец Џастин Бибер, чиј хит „Where Are U Now“ со продуцентското дуо Дипло и Скрилекс, беше награден во категоријата Најдобра денс снимка.

Со солзи во очите, наградата за Најдобар нов уметник ја прими младата кант-авторка Меган Трејнор, која го освои светот со хитот „All About That Bass“. Таа настапи и на самата манифестација, заедно со колегите Џон Леџенд, Деми Ловато и Лук Брајан, оддавајќи му чест на годинешниот добитник на специјалната награда „МјузиКерс“ (MusiCares)Лајонел Ричи. 

Свои настапи синоќа имаа и Адел (видео овде), Кери Андервуд и Сем Хант, Ели Гоулдинг и Андра Деј, Питбул со Робин Тик и Тревис Баркер, Тори Кели и Џејмс Беј, „Алабама шејкс“ и други, а во последен момент, заради настинка, својот настап го откажа Ријана. Во продолжение погледнете ги победниците во дел од поважните категории, а сите добитници ќе ги најдете на официјалната веб страна на Греми.

Снимка на годината

Марк Ронсон и Бруно Марс – „Uptown Funk“

 

Албум на годината

Тејлор Свифт – „1989“

 

Песна на годината

Ед Ширан – „Thinking Out Loud“

 

Најдобар нов уметник

Меган Трејнор

 

Најдобар рап албум

Кендрик Ламар – „To Pimp a Butterfly“

 

Најдобра рап изведба

Кендрик Ламар – „Аlright“

 

Најдобар поп вокален албум

Тејлор Свифт – „1989“

 

Најдобра поп соло изведба

Ед Ширан – „Thinking Out Loud“

 

Најдобра изведба од поп дуо/група

Марк Ронсон и Бруно Марс – „Uptown Funk“

 

Најдобар денс албум

Скрилекс и Дипло – „Skrillex and Diplo Present Jack U“

 

Најдобра денс снимка

Скрилекс и Дипло со Џастин Бибер – „Where Are U Now“

 

Најдобар рок албум 

Мјуз – „Drones“

 

Најдобра рок песна

Алабама шејкс – „Don’t Wanna Fight“

 

Најдобар ар-ен-би албум

Ди Анџело и „Вангард“ – „Black Messiah“

 

Најдобра ар-ен-би изведба

Викенд – „Earned It“

 

Најдобра ар-ен-би песна

Ди Анџело и „Вангард“ – „Really Love“

 

Најдобар урбан современ албум

Викенд – „Beauty Behind the Madness“

 И.Ј.



Врати се горе ↑