10 ноември, 2014

Доделени европските музички награди на „Ем-ти-ви“ за 2014 година

Вчера во Глазгов, Шкотска, по јубилеен 20-ти пат беа доделени европските музички награди на „Ем-ти-ви“, а водителка на манифестацијата беше хип-хоп кралицата Ники Минаж. Во трката за награди немаше баш убедливи победници, но најголемиот број на статуетки (3) отидоа во рацете на „Уан дајрекшн“, а со по две награди се закитија Аријана Гранде, Кејти Пери и „5 секндс оф самр“.

На почетокот на шоуто, публиката беше „транспортирана“ назад во 1994 година, кога младата Ники Минаж во својата соба за прв пат во животот ги гледала доделувањата на овие награди, за потоа да се лансира во иднината, токму на време за отворањето на манифестацијата. Познатата ѕвезда, која дома си замина и со наградата за „Најдобар хип-хоп изведувач“, одлично се снајде во улогата на водителка, а публиката ја почести и со настап во чии рамки ги потсети на хитовите „Super Bass“ и „Anaconda“, како и премиерната изведба на новиот сингл „Bed Of Lies“, кој го изведе заедно со Скајлар Греј. (видео горе)

Легендарниот ирски бенд „Ју ту“ го имаше својот четврт настап на овие доделувања, изведувајќи ја песната „Every Breaking Wave“, Алиша Киз ја отпеа инспиративната „We Are Here“, која беше номинирана во категоријата „Најдобра песна со порака“, а победничката во категориите „Најдобра песна“ и „Најдобар женски изведувач“, Аријана Гранде, прелета над публиката во акрилна фотелја и ги отпеа хитовите „Problem“ и „Break Free“, додека Ед Ширан настапи со актуелниот хит „Thinking Out Loud“.

Рок легендата Ози Озборн триумфално се врати на „Ем-ти-ви“ за да ја прими наградата „Глобална икона“, а во негова чест Сајмон Нил од „Бифи клајро“ заедно со гитарската легенда Слеш и Мајлс Кенеди и „Конспирејторс“ го изведоа хитот „Crazy Train“.

Електро-поп музичарката Кајза го отпеа нејзиниот хит „Hideaway“, а британската надеж Чарли Екс-си-екс ја запали арената со своите хитови „Boom Clap“ и „Break The Rules“, додека дуото „Ројал блад“ настапи со „Figure It Out“. Победникот во категоријата „Најдобар настап на светска сцена“, Енрике Иглесијас ја покани публиката да му се придружи во изведбата на хитовите „Freak“ и „Bailando“.

Пред самиот крај на вечерта, Минаж откри дека следната година европските музички награди ќе се одржат на 25 октомври во Милано, Италија. Доколку не успеавте да го проследите преносот во живо, синоќешната манифестација можете да ја погледнете на tv.mtvema.com, како и во репризните термини на регионалниот канал на „Ем-ти-ви“. Комплетната листа на победници ја имате во продолжение:

Најдобра песна: Aријана Гранде и Иги Азалија„Problem“

Најдобар поп изведувач: „Уан дајрекшн“

Најдобар женски изведувач: Аријана Гранде

Најдобар машки изведувач:Џастин Бибер

Најдобар настап во живо: „Уан дајрекшн“

Најдобар нов изведувач: „5 секндс оф самр“

Најдобар рок изведувач: „Линкин парк“

Најдобар алтернативен изведувач: „30 секндс ту Марс“

Најдобар хип-хоп изведувач: Ники Минаж

Најдобар изведувач на електронска музика: Келвин Харис

Најдобар изглед: Кејти Пери

Најдобар ’Push’ изведувач: „5 секндс оф самр“

Најдобар настап на светска сцена: Енрике Иглесијас

Најдобар изведувач од светот: Биби Чо (周笔畅)

Најдобар видео запис: Kејти Пери и Џуси Џеј – „Dark Horse

Најдобри фанови: „Уан дајрекшн“

Најдобра песна со порака: „Pretty Hurts“ – Бијонсе

Глобална икона: Ози Озборн

Од првите доделувања во 1994 година, европските музички награди стекнаа репутација на едни од најголемите светски свечености на доделување награди. Претходни градови домаќини беа Амстердам (2013), Франкфурт (2о12), Белфаст (2011), Мадрид (2010), Берлин (2009), Ливерпул (2008), Минхен (2007), Копенхаген (2006), Лисабон (2005), Рим (2004), Единбург (2003), Барселона (2002), Франкфурт (2001), Стокхолм (2000), Даблин (1999), Милано (1998), Ротердам (1997), Лондон (1996), Париз (1995) и Берлин (1994).

Репризите на синоќешната манифестација на регионалниот канал на „Ем-ти-ви“ можете да ги гледате во следните термини:

  • 11 ноември (вторник) во 21.00 часот
  • 12 ноември (среда) во 07.30 часот
  • 12 ноември (среда) во 16.30 часот
  • 13 ноември (четврток) во 21.00 часот
  • 14 ноември (петок) во 14.50 часот
  • 14 ноември (петок) во 22.40 часот
  • 15 ноември (сабота) во 12.10 часот
  • 15 ноември (сабота) во 23.10 часот
  • 16 ноември (недела) во 08.20 часот
  • 16 ноември (недела) во 13.40 часот


Врати се горе ↑