Свет

22 февруари, 2017

Доделени британските музички награди за 2016 година

Во арената „О2“ во Лондон, вeчерва се одржа годинешното доделување на британските музички награди, познати како БРИТ награди. Домаќини на манифестацијата беа водителите Дермот О’Лири и Ема Вилис, а честа да ја отворат вечерта ја имаа девојките од единствената група што победила на „Х фактор“, „Литл микс“, кои го изведоа нивниот хит Shout Out To My Ex“, за кој ја освоија наградата британски сингл на годината.

giphy (1)

Следниот настап беше резервиран за американската ѕвезда Бруно Марс, кој заедно со својот бенд ја изведе темата „That’s What I Like“ од актуелниот албум „24K Magic“, а по него настапи и годинешната добитничка на наградата британски женски изведувач на годината, Емели Санде, со одличната изведба на хит синглот „Hurts“.

giphy

Одличен настап имаа и добитниците на наградата британска група на годината, момците од „1975“, кои го изведоа синглот „The Sound“, а потоа му беше оддадена чест и на Џорџ Мајкл, за кого збор зедоа неговите долгогодишни соработници, едната половина од некогашното дуо „Уем“ – Ендру Риџли и придружните вокали Пепси и Ширли, како и неговиот колега Крис Мартин (Колдплеј), кој во „дует“ со Мајкл ја отпеа баладата „A Different Corner“.

giphy

Спектакуларен настап имаше и американската пејачка Кејти Пери со колегата Скип Марли, изведувајќи го повратничкиот сингл „Chained to the Rhythm“, а потоа сцената ја презеде младиот хип-хоп артист Скепта, кој ја изведе темата „Shutdown“. Крис Мартин уште еднаш се врати на сцената со својот бенд и заедно со популарното дуо „Чејнсмоукерс“ премиерно го изведоа својот нов заеднички сингл „Something Just Like This“.

giphy (1)

Една од најголемите британски, но и светски музички ѕвезди во моментов, Ед Ширан, со мала помош од надежниот колега Стормзи, ја разигра публиката со актуелните хитови „Castle on the Hill“ и „Shape of You“, а на самиот крај од вечерта, годинешниот добитник на специјалната награда „БРИТ икона“, кој сè уште го држи рекордот за изведувач со најмногу освоени британски музички награди (13), Роби Вилијамс го приреди неговото „Heavy Entertainment Show“.

giphy (2)

Иако беа номинирани во по 3 категории, „Литл микс“ освои само една, а Скепта ниту една награда, па така победници на вечерта се една легенда и една нова надеж на музичката сцена. Имено, по две награди освоија покојниот Дејвид Боуви и младиот соул музичар „Рег-ен-боун мен“.

Боуви беше прогласен за британски машки изведувач на годината, а неговото последно студиско издание „Blackstar“ е британски албум на годината. Сопственикот на хитот „Human“, кој е еден од главните ѕвезди на годинешното издание на фестивалот „Егзит“, се закити со две мошне важни признанија – избор на критиката и британски изведувач во подем.

Секако дека организаторите не ја заборавија ни минатогодишната победничка Адел, која овој пат се закити со наградата за глобален успех. Сè на сè, ова беше уште едно одлично издание на британските музички награди, кое благодарение на преносот во живо на Јутјуб го следеше публика од целиот свет. Како и досега, настапите на сите изведувачи наскоро ќе бидат објавени на нивните канали на Јутјуб, а комплетниот список со наградени Ве очекува во продолжение.

Британски женски изведувач на годината

  1. Емели Санде – ПОБЕДНИЧКА
  2. Анони
  3. Ели Гоулдинг
  4. Нао
  5. Лиен Ла Хавас

Британски машки изведувач на годината

  1. Дејвид Боуви – ПОБЕДНИК
  2. Крег Дејвид
  3. Кејно
  4. Мајкл Киванука
  5. Скепта

Британска група на годината

  1. 1975 – ПОБЕДНИК
  2. Бастил
  3. Бифи клиро
  4. Литл микс
  5. Рејдиохед

Британски сингл на годината

  1. Faded, Алан Вокер
  2. Dancing On My Own, Калум Скот
  3. This Is What You Came For, Келвин Харис и Ријана
  4. Tears, Клин бандит и Луиза Џонсон
  5. Hymn For The Weekend, Колдплеј
  6. Say You Won’t Let Go, Џејмс Артур
  7. Fast Car, Џонас блу и Дакота
  8. Shout Out To My Ex, Литл микс – ПОБЕДНИК
  9. Girls Like, Тајни Темпа и Зара Ларсон
  10. Pillowtalk, Зејн

Британско видео на годината

  1. Hair, Литл микс и Шон Пол
  2. Hymn For The Weekend, Колдплеј
  3. Say You Won’t Let Go, Џејмс Артур
  4. History, Уан дајрекшн – ПОБЕДНИК
  5. Pillowtalk, Зејн

Британски албум на годината

  1. Blackstar, Дејвид Боуви – ПОБЕДНИК
  2. Made In The Manor, Kејно
  3. Love & Hate, Мајкл Киванука
  4. Konnichiwa, Скепта
  5. I Like It When You Sleep, For You Are So Beautiful Yet So Anaware Of It, 1975

Британски изведувач во подем

  1. Ен-Мари
  2. Блосомс
  3. Рег-ен-боун мен – ПОБЕДНИК
  4. Скепта
  5. Стормзи

Интернационален машки изведувач на годината

  1. Викенд
  2. Бруно Марс
  3. Дрејк – ПОБЕДНИК
  4. Бон Ивер
  5. Леонард Коен

Интернационален женски изведувач на годината

  1. Бијонсе – ПОБЕДНИЧКА
  2. Соланж
  3. Ријана
  4. Сиа
  5. Кристин енд д куинс

Интернационална група на годината

  1. А трајб колд куест – ПОБЕДНИК
  2. Дрејк и Фјучр
  3. Кингс оф лион
  4. Ник Кејв енд д бед сидс
  5. Туенти уан пајлотс

Награда за глобален успех – Адел

И.Ј.



Врати се горе ↑