Свет BAFTA_2016

15 февруари, 2016

Доделени британските филмски награди „БАФТА 2016“

Прва победа за Лео и уште еден триумф за „Повратникот

Синоќа, во Кралската оперска куќа во Лондон, по 69. пат беа доделени британските академски филмски награди познати како БАФТА, кои ги доделува Британската академија за филмска и телевизиска уметност (British Academy of Film and Television Arts), a улогата на домаќин на манифестацијата му припадна на актерот Стивен Фрај. Според бројот на номинации, предводеа остварувањата „Мост на шпиони“ и „Керол“, кои беа номинирани во по 9 категории, но според бројот на освоени награди, дефинитивно триумфираше „Повратникот“ на Алехандро Ињариту, кој од 8 номинации освои 5 златни статуетки.

 

Епскиот вестерн на мексиканскиот режисер ги освои наградите за Најдобар режисер, Најдобар филм, Најдобра кинематографија и Најдобар звук, како и за Најдобар актер во главна улога, која воедно е и првата британска филмска награда за Леонардо ДиКаприо. Со оглед на тоа што филмот веќе триумфираше и на доделувањето на Златните глобуси, а има и најмногу номинации за претстојните Оскари, сè поизвесно е дека ДиКаприо конечно ќе го добие и својот прв Оскар.

 

Веднаш зад „Повратникот“, од вкупно 7 номинации, 4 награди освои филмот „Лудиот Макс: Пат на бесот“, меѓу кои Најдобар дизајн на продукција, Најдобар дизајн на костими, Најдобра шминка и фризура и Најдобра монтажа. Британскиот актер Том Харди, кој ја играше главната улога во овој и споредната улога во „Повратникот“, за жал не беше номиниран во ниту една категорија.

Специјалната награда за животно дело годинава му беше доделена на легендарниот актер Сидни Поатје (88), кој е првиот афроамерикански актер што добил Оскар за главна улога во филмот „Лилјани во полето“ (1963). Поатје не беше присутен на манифестацијата, па се заблагодари преку видео порака, а наградата му ја врачи актерот Џејми Фокс.

 

Документарниот филм за Ејми Вајнхаус, во режија на Асиф Кападија, кој е номиниран и за Оскар, на британските филмски награди доби 2 номинации – Извонреден британски филм и Најдобар документарен филм, а победи во категоријата за Најдобар документарен филм. Комплетниот список со победници Ве очекува во продолжение.

Најдобар филм – Повратник

Најдобар режисер – Алехандро Ињариту (Повратник)

Најдобар актер во главна улога – Леонардо ДиКаприо (Повратник)

Најдобра актерка во главна улога – Бри Ларсон (С0ба)

Најдобар актер во споредна улога – Марк Рајланс (Мост на шпиони)

Најдобра актерка во споредна улога – Кејт Винслет (Стив Џобс)

Најдобро оригинално сценарио – Том Мекарти и Џош Сингер (Во центарот на вниманието)

Најдобро адаптирано сценарио – Адам Мекеј и Чарлс Рандолф (Кладба на векот)

Најдобра кинематографија – Емануел Лубецки (Повратник)

Извонредно деби на британски сценарист, режисер или продуцент – Наџи Абу Новар и Руперт Лојд (Тиб)

Извонреден британски филм – Бруклин

Најдобар документарен филм – Ејми

Најдобра оригинална музика – Енио Мориконе (Омразените осум)

Најдобар звук – Лон Бендер, Крис Дјустердик, Мартин Ернандез, Френк Монтањо, Џон Тејлор и Ренди Том (Повратник)

Најдобар дизајн на продукција – Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобри специјални визуелни ефекти – Војна на ѕвездите: Будење на силата

Најдобар дизајн на костими – Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобра шминка и фризура – Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобра монтажа: Лудиот Макс: Пат на бесот

Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје – Диви приказни

Најдобар анимиран филм – Во мојата глава

Најдобар краток анимиран филм – Едмонд

Најдобар краток филм – Оператор

Награда за ѕвезда што се раѓа – Џон Бојега

 

Британските филмски награди се уште еден вовед во она што нè очекува на претстојното, 88. по ред доделување на Академски филмски награди – Оскарите, кое ќе се одржи на 28 февруари во театарот „Долби“ во Лос Анџелес. Кој сè e номиниран годинава, можете да се потсетите овде, а на сите песни кои низ годините биле прогласени за Најдобра оригинална песна, потсетете се во Оскаровската ретроспектива.

 И.Ј.



Врати се горе ↑