Видео

24 јуни, 2019

ДНК со потресно видео и моќна порака за новиот сингл „Горе или доле“

Музичарите често ги користат своите платформи за да пренесат важни пораки, особено за проблеми кои можат да имаат фатални последици. Токму тоа го направија и момците од ар-ен-би дуото ДНК, кои деновиве го промовираа видеото за својот нов сингл „Горе или доле“, авторско дело на Панчо и на Лазар Цветкоски. Имено, филмската визуализација е дело на веќе докажаниот Даниел Јовески, кој направи вистинско ремек-дело.

„Мислиме дека имаме одлична песна и сме горди на сработеното, но ќе оставиме публиката да го каже своето. Напорно работевме на снимањето на сцените, кои се буквално филмски. Сè изгледа толку реално, особено шминката за која ангажиравме филмски шминкер, односно Игор Петрески кој направи сè да изгледа перфектно. Што се однесува до делот во болницата, буквално целиот персонал, освен д-р Андреј, се вистински медицински лица. Веруваме во овој спот, кој метафорично го прикажува животниот пат и токму како што вели и самиот наслов – сè е горе или доле“, вели Панчо.

Видеото се снимаше на повеќе локации низ земјава, поточно во кафулето „Рузвелт“ во Скопје, во Охрид и во клиниката на Жан Митрев.

„Колку и да ве разочара животот, останете силни, бидејќи секоја затворена врата отвора нова. И што е најважно – не возете во алкохолизирана состојба“, порачаа Панчо и Андреј.



Врати се горе ↑