Концерт IMG_2571

3 јуни, 2015

ДНК со концертен настап во летниот клуб „Привилеџ“

После пауза од една година, ар-ен-би дуото ДНК повторно на сцена, во живо, пред сите свои фанови. Се најавува перформанс со многу емоции и позитивна енергија на сцената во летниот клуб „Привилеџ“ (Summer Club Privilege). Тоа ќе биде концертен настап во целосен состав, настан кој никој не смее да го пропушти. Скопјани конечно ќе имаат можност да уживаат во клупски концертен настап со бенд на нашето нај големо ар-ен-би дуо – ДНК. Настанот ќе се одржи на 7 јуни, недела во клубот „Привилеџ“ точно на полноќ, а ќе биде збогатен и со настап на специјален гостин.

Панчо и Андреј заедно со нивниот бенд (Танче Гроздановски – гитара, Никола Бочваров – бас, Сашо Стојановски – тапани, Влатко Георгиев – сајзер, Горан Папаз – сакс и придружните вокали, Маја Саздановска, Сара Николовска и Ана Костадиновска) Ве канат на незаборавен перформанс какви што беа оние кои ги наполнија Универзална Сала и арената „Метрополис“. „Навлечен на тебе“, „Што сака нека биде“, „Дада“, „Срце“, „Најмила“, се само дел од хитовите на ДНК кои ќе се пеат на концертниот настап, а за загревањето ќе бидат задолжени диџеј Ајри Скреч (Dj Irie Scratch) и диџеј Мартин (Dj Mawrteen, SureShotz Entertainment).

Емоции, адреналин, хитови и целовечерно уживање е она што ќе можат да го видат сите посетители и присутни на концертниот настап во недела, 7 јуни. Картите ќе може да се купат пред самиот настан, во недела, на касата на летниот клуб „Привилеџ“Бројот на карти и резервации е ограничен. Овој перформанс во живо на едни од најдобрите музичари кај нас не се пропушта. Тоа ќе биде вечер за паметење и интимна забава на која никој нема да остане рамнодушен!

 



Врати се горе ↑