6 февруари, 2014

ДНК го претставија видео записот за „Опуштено“

Р&Б дуото ДНК деновиве го претстави својот нов видео запис за темата „Опуштено“, која се најде на нивниот актуелен албум „Срце“Панчо и Андреј заедно со своите пријатели и соработници снимија видео запис за оваа песна која Панчо ја напиша и посвети на својот пријател од Хрватска, диџеј Бронсон, кој пред две години почина од рак: „Оваа песна ми значи многу. Ја напишав во тежок период за мене затоа што изгубив пријател кој го сакаше животот, а тој ја изгуби битката со ракот. Баш затоа, да му се подаде рака на оној на кој му е потребна помош, да се негува животот затоа што е премногу краток, да се шири позитивна енергија и да се живее секој ден како да е последен се клучните пораки во „Опуштено“ – изјави Панчо.

Спортисти од неколку конкурентски клубови, новинари од различни редакции и медиумски личности се главни протагонисти кои со многу насмевки ќе ѝ ги доловат на публиката овие пораки во видеото што го режираше долгогодишниот соработник и пријател на ДНК, Владимир Митревски Ѓуле: „Целта ни беше да ги споиме конкурентските спортисти и новинари и да покажеме дека и покрај различностите, сепак треба да шириме љубов и позитива, да ги надминеме сите недоразбирања и бариери, да бидеме благодарни на она што го имаме, да бидеме хумани, да се сакаме и да сфатиме дека богатството е во вистинските пријатели“ – вели Андреја. Аранжманот на песната го направи хрватскиот продуцент Марвел, музиката и текстот се на Панчо, а песната ја испродуцира Дарко Димитров во неговото студио Димитрови кадешто беше и снимена истата.

Во сабота, 8-ми февруари, со почеток од 00 часот, момците заедно со својот бенд ќе имаат промотивен настап на албумот „СРЦЕ“ во клубот „Хавана“, а влезниците се пуштени во претпродажба со симболична цена од само 100 ден, додека на самиот ден на настанот на врата ќе чинат 150 денари.

 

 



Врати се горе ↑