Концерт foltin

12 август, 2013

„Длабоко во ноќта“: Концерт на Фолтин во Хавана

Под називот „Длабоко во ноќта“, битолскиот кабаре-состав Фолтин на 25-ти август ќе одржи концерт во скопскиот летен клуб „Хавана“. Групата во јуни замина на турнеја на која го претставува својот нов, мини-албум „Антитело“. Бендот, кој ја опишува својата музика како „ирационален процес на креирање интимен фолклор, произлезен од нивните соништа и импресии“, досега свиреше во Риека, Љубљана, Будва, Тиват, Целје, Kрањ, Дојран, Охрид…

„Антитело“ е продолжение на склопот на мејнстрим и алтернативна македонска и светска музика, експериментирајќи со акустични и електрични инструменти. Новото цеде следува по пауза од речиси пет години, а содржи шест нови песни. Материјалот е снимен во студиото „Тра ла ла“ со Мите Димовски, а издавач е МKЦ – Скопје. Материјалот е своевидно продолжение на претходниот албум „Оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“ од 2008 година.

Концертот во Скопје ќе започне во 22 часот, а влезниците кои се во ограничен број ќе чинат 200 денари и ќе можете да ги набавите од 15-ти август во Custom Pub, Љубов и Happy cafe.



Врати се горе ↑